06.07.2020

Планирано е да учествуваат по два клуба од Македонија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Косово...

БИБЛ предлага нов систем, и унапредени финансиски услови за клубовите-учесници

Македонската кошаркарска федерација доби писмо на намери од страна на раководството на Балканска лига за учество на заинтересирани клубови во следното издание на БИБЛ лигата, односно сезоната 2020/2021.

Во предлог-понудата до КФСМ стои дека менаџментот на БИБЛ лигата планира нов натпреварувачки систем, а во исто време и унапредени финансиски услови за клубовите кои ќе испратат пријава за учество во сезоната 2020/2021.

Генералната идеја е во наредната сезона да има по два тима од следните земји – Македонија, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Косово, или од уште некоја балканска држава.

Поради лошата финансиска ситуација кај најголем дел од клубовите од балканските простори, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, од БИБЛ подготвија и промени во системот за натпреварување.

Во зависност од бројот на пријавените екипи, планирано е лигашко натпреварување со учество на осум или десет клубови. И што е поважно со особено намалени трошоци за време на натпреварувањето, без дополнително оптоварување на клупските буџети.

Регистрациите за пријава, и настап во ова натпреварување кое ќе се одвива во периодот од октомври 2020, до април 2021 година, ќе бидат испратени во текот на овој месец на адресата на канцеларијата на КФСМ, која треба да ги потврди клубовите-учесници од нашата земја.