09.02.2023

„Наша цел е да имаме една победа во овие три ‘прозорци’... Шансата ја гледам во мечот со БиХ“ – вели селекторот Ашаданов.

БиХ е нашата нова шанса за прва победа во квалификациите (ВИДЕО)

Можат ли девојките да се одбранат во Сараево?

Женската сениорска репрезентација на Македонија вечерва го игра петтиот натпревар од квалификациите за Евробаскетот 2023 година во Израел и во Словенија.

Од (20.часот), во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево, за противник ја имаат селекцијата на БиХ

По четири одиграни натпревари селекцијата која ја предводи селекторот Александар Ашаданов е без победа. Босанките беа подобри од нас и на ланскиот дуел одигран во СРЦ „Кале“ (64:80), во кој доминираше една од најдобрите кошаркарки во светот, Џенкиел Џонс.

Но вечерва во Сараево ќе биде сосема поинаку, Џонс нема да биде во тимот на БиХ, но и во нашите редови нема да биде ниту Девана Бонер, ниту пак нејзината „наследничка“ Мерит Хемпе.

И покрај фактот дека уште еднаш Македонија нема да игра во комплетен состав, селекторот Ашаданов и неговите избранички ќе се обидат да одиграат најдобро што можат, и евентуално да го изненадат фаворитот, кој пред својата публика на Илиџа ќе игра во видно изменет состав

„Нè очекуваат два меча против БиХ во Сараево и дома со една од најсилните репрезентации Белгија. Исто како и на претходните два прозорци, немавме среќа со здравствениот билтен, неколку играчи ни се повредија и нема да може да сметаме на нив. Имаме недостатоци со Мерит Хемпе, Матеја Николиќ и Илина Селцова кои имаат повреди на колената, односно лигаменти и менискус, така што ќе се соочиме со голем проблем. Овие мечеви ќе бидат доста тешки, знаеме со каков квалитет располагаат и Белгијките и Босанките, но што е, тука е, ние ќе се подготвиме добро со желба да се покажеме подобро од претходниот ‘прозорец’.

Наша цел е да имаме една победа во овие три ‘прозорци,’ нормално, сите повреди кои ги имаме нè оддалечија од тоа. Шансата ја гледаме со БиХ таму која е без натурализираната кошаркарка, а неколку имиња, две три репрезентативки се пензионираа“- гласи мини-анализата на Ашаданов пред вечерашниот дуел во главниот град на БиХ.

Еден час порано, во дербито на групата „А“, Германија е домаќин на Белгија. Двете екипи се со скор од три победи и еден пораз, па победникот ќе биде многу блиску до пласман на ЕП кое следната година се игра во Израел и во Словенија.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2023

ГРУПА А

ДВОЈКИ 5. КОЛО

ДЕНЕСКА:

19.00: Германија - Белгија

20.00: БиХ – МАКЕДОНИЈА

ТАБЕЛА

1.Белгија     4          3          1          377:243        7

2.Германија            4          3          1          295:230        7

3.БиХ 4          2          2          285:342        6

4.МАКЕДОНИЈА    4          0          4          193:335        4