07.02.2022

Завршниот турнир ќе се одржи од 6. до 8.мај, за прв пат на неутрален терен

Билбао ќе биде домаќин на „фајнал-фор“ турнирот во ФИБА Лигата на шампионите

Шпанскиот град Билбао ја доби организацијата на завршниот турнир од ФИБА Лигата на шампионите, потврдија од светската кошаркарска организација.

За прв пат откако се организира ова натпреваруавње, ќе се игра на неутрален терен, а не кај некој од клубовите-учесници на завршниот турнир.

Променет е и форматот на ова натпреварување.

Наместо досегашната завршница со осум екипи, во Билбао, десетиот според големина град во Шпанија, ќе играат четирите победници на четвртфиналните серии од плеј-офот во ЛШ.  

Шестото издание на финалниот турнир ќе се игра во „Билбао Арената“ со капацитет од 10.000 седишта.

Инаку, од 25 јануари веќе се играат натпреварите од шеснаесетфиналето. Планирано е тие активности да завршат до 23. март. Во текот на април ќе се играат четвртфиналните серии по што ќе бидат познати патниците за Билбао.

На 6. мај се предвидени двете полуфинални средби, додека натпреварот за третото место и финалето ќе се играат два дена подоцна, на 8. мај.  

Одлуката дали овие натпревари ќе се играат со или без присуство на фанови, ќе биде одредено подоцна, во согласност со актуелните здравствени протоколи на Шпанија.