29.11.2018

Билетите за натпреварот Македонија – Косово во продажба по цена од 100 денари!

Македонската репрезентација во машка сениорска конкуренција претстојната недела (2. декември) ќе го одигра третиот натпревар во рамки на втората рунда претквалифиакции за Евробаскет 2021. Досега, нашата репрезентација славеше против двата противника во групата Б во рамки на септемврискиот прозорец, а во тековниот прозорец ќе одигра само еден натпревар за кој градот Гевгелија е одбран за домаќин на овој натпревар како и коорганизатор на истиот. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала каде домашните натпревари ги игра тамошниот кошаркарски клуб Кожув – „26 април“.

Правата за продавање на билети за натпреварот МКФ ги предаде на градот, па така билетите ќе се продаваат само во Гевгелија, од денес (29. ноември) до сабота (1. декември). Билети можат да се купат во спортската сала во Гевгелија по цена од 100 (сто) денари за билет.

Билети на билетарата во спортската сала нема да бидат достапни за купување на денот на натпреварот.

МКФ апелира до сите љубители на кошарката кои сакаат да го проследат натпреварот од трибините во спортската сала да ги купат своите билети како и да пристигнат во „26. април“ навреме како би се спречило несакана турканица на влезовите.

Натпреварот помеѓу Македонија и Косово ќе се одигра в недела (2. декември) со почеток во 17:45. Преносот на овој натпревар ќе го врши националниот телевизиски сервис (МРТ), а ќе биде и достапен линк до LiveStream на YouTube каналот на FIBA.