27.04.2018

Богато лето полно со активности за младинските репрезентации

Претстојното лето четири младински репрезентации (не сметајќи ги националните селекции до 14 години во машка и во женска конкуренција кои учествуваат на „Slovenia Ball“) ќе земат учество на Европските првенства (сите дивизија Б). За што подобро подготвување на тимовите, Македонската кошаркарска федерација закажа по неколку пријателски натпревари за секоја возрасна категорија како и пријателски турнири.

Распоредот на младинската репрезентација (М20) е комплетиран во целост и е достапен на следниот ЛИНК.

Јуниорската селекција во машка конкуренција, која годинава ќе земе учество на првенството кое ќе се одигра в Скопје во периодот од 27. јули до 5. август, ќе одигра два пријателски натпревара со Турција на гостински терен (20. и 21. јуни), а потоа ќе ги нагости селекциите на Бугарија, Романија и на Австрија од 5. до 7. јули. в Скопје. Предвидени се уште неколку пријателски натпревари, непосредно пред почетокот на првенството в Скопје.

Кадетската селекција ова лето ќе земе учество на Европското првенство до 16 години (дивизија Б) кое ќе се одигра Сараево во периодот од 9. до 18. август. Не сметајќи ги натпреварите кои веќе ги одигра, на својот распоред, засега, кадетската репрезентација има закажан турнир на домашен терен со соодветната репрезентација на Бугарија, Црна Гора и на Романија од 27. до 29. јули.

Кадетската селекција во женска конкуренција ова лето ќе земе учество на првенството за соодветната возрасна категорија во втората дивизија што ќе се одигра во Подгорица во периодот од 16. до 25. август. На распоредот на репрезентацијата до 16 години засега има еден турнир на кој учество ќе земат селекциите на Израел, Бугарија и на Словенија закажан за 8.-10. август.

Календарите со активности на кадетските репрезентации не се комплетирани.