07.05.2020

Сака да се врати во Италија, кога условите ќе го дозволат тоа...

БОГДАН МИРКОВСКИ: ИМПРОВИЗИРАМ НА ТРЕНИНЗИТЕ, ИМАМ КОШ ВО ДВОРОТ!

Македонскиот кошаркарски талент, Богдан Мирковски, е еден до оние кои дпбро ќе ја паметат оваа сезона. Особено месец март, во кој му се случија доста работи, директно поврзани со кошарката.

До пред два месеци беше во италијанскиот град Канту, каде играше за истоимениот кошаркарски клуб, во реонот Ломбардија, кој беше и најпогоден од коронавирусот.

Како и насекаде во кошаркарскиот свет, тоа означи и крај на сите активности за Мирковски и неговата екипа.

„Од клубот ме известија дека сезоната е официјално завршена. Од тогаш немам никаква најава што и како понатаму, бидејќи уште ништо не се знае. Контактирам со соиграчите и среќа е што никој од нив не е заболен. Мојот договор со Канту беше на три години и официјално заврши “- вели талентираното крило.

Богдан додава дека оваа пауза многу ги наруши неговите, пред се, клупски планови.

„Пред да се случи ова, бевме први во групата. И имавме за цел да ја повториме 2017-2018 година кога бевме шампиони. Оваа ситуација ги наруши и плановите со нашата македонска репрезентација бидејќи ова лето требаше да настапуваме на европското првенство во Романија. И најмногу жалам поради тоа“- наведува Мирковски.

Сега е во родното Скопје, a за да ја задржи формата, се разбира, колку е тоа можно во овие услови, Богдан се придржува на распоредот на вежбите кој му го дале во клубот.

„Секој ден се држам точно до распоредот. Ги поделив активностите во два дела: наутро вежби за одржување на телото, а попладне вежби со топка на импровизиран кош во мојот двор. А трчам и на блискиот стадион на поранешниот ФК Славија во Пржино. Убеден сум дека кога ќе заврши ова брзо ќе се вратам во вистинска форма. Сите одвај чекаме да и се вратиме на кошарката“- потенцира талентираниот кошаркар.

Никогаш нема да ги заборави овие моменти и ситуацијата со која се соочи

„Мислам дека никој на почетокот не сфаќаше колку е сериозна ситуацијата со коронавирусот во Италија. И дека никој не беше свесен за опасноста. Но, како што се ширеше вирусот, како што се преземаа мерки за ограничување на движењето, така некако се и сфаќаше што се случува, и каква опасност ни се заканува“- ја опишува ситуацијата во зeмјата која е меѓу најпогодените со опасниот вирус.

Но и патешествието кое го врати назад, во Македонија.

„На 10. март некако успеав да излезам од Италија бидеќи веќе беше прогласена ‘црвена зона’. Со организиран превоз, со комбе, се вратив во Македонија. И од границата веднаш се упатив во Охрид. Одвоен во стан, согласно со препораките, за да се изолирам од домашните. Таму престојував 25 дена. Потоа се вратив дома во Скопје каде што се уште сум“- ни објаснува некогашниот играч на Партизан Водно Санс, Јуниор и Вардар.

Планира да се врати назад на „чизмата“...

„Да, моите планови се од септември да се вратам во Италија. Извесно, во нов клуб, доколку, се разбира, ситуацијата дојде во некоја нормала“- посакува веројатно и идниот младински репрезентативец на Македонија.