12.08.2021

Претквалификации за СП 2023

Бојан Крстевски: „Има уште да се игра“!

Уште три натпревари, два против Словачка и еден против Швајцарија, и остануваат на нашата сениорска машка репрезентација во рамки на втората рунда од претквалификациите за СП 2023. Кошаркарите се свесни за грешките во играта во вечерашниот пораз од Швајцарија (62-67), но убедени се дека ништо не е загубено. Како што вели Бојан Крстевски, има уште да се игра, а со тоа и да се поправи впечатокот од вечерашниот натпревар.

„Отворивме малку тешко, особено во втората четвртина не се снајдовме најдобро на нивната одбрана. Одеа на некои блокади, полнеа рекет, ние промашивме многу шутеви, паднаа лесни поени. Генерално на наши грешки го загубивме овој натпревар. Дефанзивно и не бевме така лоши. Најважно е дека има уште да се игра, не губиме ништо со овој натпревар. Одиме понатаму. Мора добро да се одмориме и ќе имаме време за анализа, настрана од тоа што накратко спомнавме. Утре ни следи видео анализа и ќе знаеме што ни се недостатоци и да се припремиме уште подобро. Ги имаме овие квалификации, мора! - истакна Бојан Крстевски.