Македонската сениорска репрезентација го продолжува својот европски пат во вториот круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот кој ќе се игра во 2025 година.
А денешната ждрепка во Минхен за противници, освен претходно познатиот, Словачка, ни ги донесе селекциите на Данска и на Норвешка.
Доволно за краток коментар на Бојан Крстевски, заменик-капитенот во нашата најдобра селекција во изминатиот период:
„Словачка ни е многу добро познат противник бидејќи и во претходните претквалификации игравме со нив и имаме позитивен биланс. За Норвешка и Данска немам многу информации, но како што ќе доаѓаат натпреварите, ќе се подготвуваме за нив и ќе ги анализираме. Единствено посакувам ние да бидеме во што поголем број, односно комплетни да ги дочекаме дуелите што претстојат. Во таков случај верувам во позитивен исход и пласман во главните квалификации“ – посакува силното крило на „црвено-жолтите“ кои на премиерата во новоформираната група „Д“ за противник, (на гостински терен) ќе ја имаат селекцијата на Данска.