14.02.2021

„Добро е што имаме повеќе играчи на високите позиции, бидејќи играме четири натпревари за само пет дена“ - вели нашето крило.

Бојан Крстевски пред заминувањето за Перм: „Би сакал да имаме некоја победа пред мечот со Естонија“!

Не беше во комбинација за претходниот циклус. Не отпатува за Талин поради повредата на раката. Потоа се бореше и со короната. Но сега сето тоа е зад Бојан Крстевски. Крилниот центар е повторно дел од националниот тим кој денеска ги заврши мини-подготовките во Скопје и утре заминува за Перм, во обид на кошаркарска Македонија да и донесе уште едно учество на големо европско натпреварување како Евробаскетот 2022.

За разлика од оние претходни подготовки, пред „балонот“ во Талин кои се надевам, ги заборавивме, сега имаме комплетен тим. Уште тука, во Скопје, селекторот ги имаше на располагање скоро сите играчи. Олеснителна околност е што експедицијата патува со чартер-лет за Русија?

„Радува тоа што сите играчи кој ги повика селекторот се ставија на диспозиција и се на располагање за овој квалификациски циклус. Се надевам дека ќе останеме во добро здравје до ‘балонот’ во Перм. Секако дека е олеснителна околност што летаме директно до Перм. Заштедуваме многу на  време, на промена на летови, а освен тоа, и ќе пристигнеме поодморни и посвежи во Перм“.

Дали сметаш дека треба да форсираме од почетокот на собирот во Перм, а силите, енергијата да ги оставиме за дуелот со Естонија кој веројатно ќе биде решавачки за нашиот пласман на Евробаскетот?

„Мислам дека треба да одиграме максимално ангажирано на сите натпревари. Покажавме на првиот натпревар со Русија дека можеме да се носиме со нив, а зошто да не е така и со Италија. Секако, би сакал да имаме некоја победа пред натпреварот со Естонија“ .

Внатрешната линија ќе биде засилена со некои нови играчи, како Вајли, веројатно и младиот Симиќ. Нè прави ли тоа посилни внатре, во рекетот, и ги прави поголеми нашите можности да ги реализираме амбициите во Русија?

„Добро е што имаме повеќе играчи на високите позиции, бидејќи играме четири натпревари за само пет дена. Ќе ни значи многу. Ќе имаме и поголема ротација и малку повеќе одмор“.

Кои се твоите очекувања од „балонот“ во Перм?

„Немам никакви дилеми по тоа прашање, очекувам пласман на Европското првенство.“