12.08.2021

Крстевски има искуство од дуелите со Швајцарија и Словачка, против кои играше во претквалификациите за Европското првенство

Бојан Крстевски: „За сите важат истите правила - ќе одиме од натпревар во натпревар“

Како еден од најискусните, Бојан Крстевски ќе има обврска да ја предводи оваа репрезентација во претквалификациите за Светското првенство во 2023 година.

Веќе пет години тој е стандарден член на националниот тим, а ако успее да продолжи со игрите во дресот на МЗТ Скопје од последната сезона, значително ќе му ја олесни работата на селекторот Драган Бајиќ. Крстевски има искуство од дуелите со Швајцарија и Словачка, против кои играше во претквалификациите за Европското првенство, но акцентот го става на својата екипа.

„Одработивме одлични четири недели во кои одигравме и два контролни натпревара, против Црна Гора. Пред нас е напорен турнир со четири меча за шест дена, но за сите важат истите правила и ќе одиме од натпревар во натпревар.

Прв противник ни е Швајцарија за која имаме информации дека е квалитетна и незгодна селекција. И покрај тоа, фокусот е на нас и нашата игра. Мислам дека само со максимална ангажираност и борбеност можеме да стигнеме до посакуваната цел“ - вели силното крило на нашиот национален тим пред вечерашната премиера во СЦ „Јане Сандански“..