Бојан Крстевски одигра сосема добар натпревар во Левице. Но на крајот, неговите, и напорите на другите наши репрезентативци не се покажаа како доволни да се продолжи победничката серија во вториот круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.
Словачка славеше победа (82:73), па сега имаме само една победа повеќе пред првиот и единствен пратител во групата „Д“, во пресрет на последното 6. коло од претквалификациите.
„Штета за поразот, имавме добри моменти на натпреварот во Левице. Пред се на почетокот на третата четвртина, кога имавме отворени ситуации за шут, меѓутоа не ги реализиравме. Од друга страна противникот имаше одличен шутерски ден, заокружен со реализација на 14 тројки, во висок процент на реализација“ – коментира стартерот во нашиот национален тим.
И покрај првиот пораз во овој круг, Крстевски верува и се надева дека и покрај напорите кои со себе ги носи овој ритам на играње во квалификациите, и двете „врзани “ гостувања, за некоја вечер во Осло, можеме да ја повториме играта од Гевгелија. Една неверојатна претстава со која славевме убедливо против ривалот кој нè чека.
„Сите овие случувања во Левице го оставаме зад нас. Впрочем и немаме многу време за анализа, уште помалку за одмор. Имаме и долг пат пред нас до Осло. Би сакал да ја повториме доминантната игра против Норвешка од натпреварпт во гевгелија и да се радуваме на пласман во квалификациите. Мислам дека до заслужуваме тоа“ – дополнува Крстевски пред тргувањето за Осло, каде во недела, од 18.часот го играме клучниот натпревар за пласман во квалификациите.