На местото на Војдан Стојановски, во овој претквалификациски циклус, капитен на репрезентацијата ќе биде Бојан Трајковски кој е и највозрасен играч и кошаркар со најдолг стаж во оваа селекција.
Никогаш во речиси дводецениската кариера, крилниот играч не се штедеше, без разлика дали играше за екипа или за репрезентацијата. И сега е еден од лидерите на тимот и не прифаќа никакви изговори кога станува збор за успехот во претстојните дуели со Швајцарија и Словачка.
„Не е оправдување тоа што не сме комплетни и што има подмладување на репрезентацијата. Имавме период на подготовки, но мал број контролни натпревари, односно само две против Црна Гора и меѓу нас уште толку. И покрај се, одиме на победа, почнувајќи од дуелот против Швајцарија, па потоа и во следните три дуели од овој претквалификациски циклус. Сега секој секого може да победи. Го видовме тоа и во минатите квалификации за Европското првенство. Ако не извадиме максимум од нас, може да ни се случи некој разочарувачки резултат и затоа добро се подготвувавме овие денови.
Што се однесува до помладите кошаркари, кажав веќе еднаш дека се 'ветер в грб за нас' и ни даваат елан со нивната енергија. Заедно треба да го оствариме тој добар резултат кој во иднина ќе биде многу важен за нив“ - порача Трајковски пред почетокот на турнирот.