12.07.2021

Сениорската репрезентација го одржа првиот тренинг во рамките на подготовките за претквалификациите за Светското првенство

БОЈАН ТРАЈКОВСКИ ПРЕД СТАРТОТ НА ПОДГОТОВКИТЕ:„Помладите да ни бидат ветер в грб на нас, повозрасните“

Сениорската репрезентација на Македонија утринава го одржа првиот тренинг во рамките на подготовките за претстојниот претквалификациски циклус за Светското првенство во 2023 година.

Идниот месец, нашиот национален тим ќе игра против Словачка и Швајцарија против кои ќе се обиде да освои едно од првите две места и да го продолжи патот кон Мундијалот. Стартот на подготовките го одбележаа отсуствата на неколку важни кошаркари кои беа столб на тимот последните години.

Уште од порано, својот настап поради повреди го откажаа Војдан и Дамјан Стојановски, Дарко Соколов и Стојан Ѓуроски.

На прозивката не беа Ненад Димтријевиќ и Џејкоб Вајли, а Љубомир Младеновски беше во „Јане Сандански“, но не тренираше.

Репрезентацијата ќе се комплетира нешто подоцна и заедно ќе ги продолжи подготовките за претквалификациите.

Со неиграњето на Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Трајковски остана единствен од „старата“ гарда во селекцијата која од денеска ја предводи Драган Бајиќ.

Прекалениот борец повеќе од една деценија е во националниот тим, а сега ќе биде и лидер на тимот кој идниот месец ќе се бори за пласман во квалификациите за Светското првенство.

„Дојде тоа време кога јас треба да бидам највозрасен во репрезентацијата. Без разлика на тоа, ние на секој натпревар одиме на победа, а олеснителна околност е тоа што ќе имаме предност на домашниот терен.

Склопот на млади и искусни кошаркари ќе донесе позитивен резултат, дека младиве ќе ни бидат ветер в грб и мислам дека тоа ќе биде пресудно во овој претквалификациски циклус Мислам дека и тие помлади кошаркари веќе го пробија мразот, го имаа првото искуство со репрезентацијата и сега знаат што и како треба.

Не чувствуваме никаков притисок, имаме еден месец за подготовки, а му посакувам добредојде и голем успех на новиот селектор и мислам дека заедно ќе направиме добар резултат“ - рече Бојан Трајковски непосредно пред почетокот на подготовките.

Првиот тренинг го одработија: Виктор Ефремовски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, Лејсон Зекири, Валмир Какруки, Андреј Настовски, Оливер Двојковски, Теодор Симиќ, Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Бојан Трајковски, Бобан Стајиќ, Горјан Марковски, Дамјан Робев