10.03.2017

Започнува вториот дел од сезоната

Борба за титула наспроти борба за опстанок во ’елитата’

Со одигрувањето на натпреварите од 14. коло минатиот викенд заврши првиот дел од тековната натпреварувачка сезона. По 14 одиграни натпревари во рамки на регуларниот дел од сезоната, трикратниот шампион во домашното првенство, Фени индустри, заврши како првопласиран со 12 победи и само два порази. Една победа пом алку има најтрофејниот кошаркарски колектив, Работнички додека третопласиран е ланскиот вицешампион Куманово. Кожув го фати ’последниот воз’ за пласман во вториот дел од сезоната како четвртопласиран на табелата. На овие четири екипи  во вториот дел им се приклучуваат и екипите на Карпош Соколи и бранителот на титулата МЗТ Скопје Аеродром.

Претставници од клубовите кои се приклучуваат во домашното првенство дури во Супер лигата, заедно со Владо Цветковски, комесарот за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација ги извлекоа броевите за пласман по кој подоцна се направи распоредот за вториот дел од сезоната. Па така, МЗТ Скопје Аеродром ќе ја започне одбраната на титулата против Фени индустри во првото коло, Работнички ќе си ги одмери силите со Карпош Соколи додека Куманово ќе се пресмета со Кожув.

Бидејќи екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Карпош Соколи сè уште се натпреваруваат во регионалната АБА лига, овој викенд на распоредот на Супер лигата има само еден натпревар. Куманово ќе го нагости Кожув утре (11. март) во 19:00 часот, а статистиката од натпреварот може да се следи на следниот линк. Карпош Соколи ќе го нагости соседскиот ривал Работнички идната среда (15. март) додека МЗТ Скопје Аеродром ќе си ги одмери силите со Фени индустри ден подоцна.

Екипите на Струмица, АВ Охрид, Пелистер и на Вардар го завршија првиот дел од сезоната под линијата која ги води во Супер лигата. Па така, овие четири екипи ќе се борат за опстанок во кошаркарската елита на Македонија во Плејаут лигата. Пелистер ќе го нагости АВ Охрид претстојната сабота (11. март) во 15:00 часот. Статистиката може да се следи на следниот линк. Вториот дуел од Плејаут лигата ќе биде одигран во 18:00 часот помеѓу екипите на Струмица и Вардар, а статистиката може да се проследи на следниот линк.