08.06.2021

Од 11. до 18. август, нашата федерација ќе го организира турнирот кој ќе ги одреди учесниците во квалификациите за Светскиот Куп 2023

Бордот на ФИБА-ЕВРОПА одлучи: „Балонот“ за мундијалските претквалификации ќе се игра во Скопје

Македонската кошаркарска федерација доби уште една потврда плус за својот организаторски потенцијал. Ја доби довербата од страна на Светската кошаркарска федерација да биде организатор на еден од претстојните турнири кои се дел од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2023 година.

Скопје ќе биде градот домаќин на таканаречениот „балон“ односно групата „Ф“ во која освен нашата, ќе играат уште и сениорските селекции на Швајцарија и на Словачка.

Тоа е уште една одлична можност, од повеќе аспекти, за нашиот сениорски национален тим да исчекори кон главниот дел – место во мундијалските квалификации.

А во оваа прва фаза, согласно со ждрепката, на 12. август ќе играме против селекцијата на Швајцарија. Два дена подоцна, на 14. август, ќе играме против Словачка. На 16.август ни следува средбата со Швајцарија, додека турнирот во Скопје ќе го затвориме на 18.август, со натпреварот против селекцијата на Словачка.

Согласно со пропозициите на ФИБА, првопласираните две репрезентации од овој турнир ќе бидат дел од главните квалификации за пласман на Мундобаскетот во 2023 година.

Во исто време, Бордот на ФИБА-Европа ги одреди и организаторите на преостанатите три претквалификациски турнири.

Федерацијата на Португалија во Матошинос, ќе ги организира натпреварите од групата „Ц“.

Групата „Д“ ќе се игра во Рига, а во улога на организатор на кошаркарската федерација на Летонија.

Својата шанса за пласман во следниот круг во Подгорица, ќе ја бара националната федерација на Црна Гора, која ќе биде организатор на мечевите од „Е“ претквалификациската група.