Со 37 индекс поени за ефикасност, базирани на 36 запишани поени зад своето име, седум скока, две асистенции и две украдени топки, играчот Брендон Пен од Блокотехна е играч на првото коло во рамки на Супер лигата.
Неговата Блокотехна синоќа го загуби натпреварот против тимот на Гостивар со 94-98 со што се заокружи првото коло од тековната натпреварувачка сезона (2018/2019) во Супер лигата. Претходно, колото го отворија тимовите на Куманово и Работнички со меѓусебен дуел кој заврши со 57-75 во корист на актуелниот шампион на Македонија. Вицешампионот МЗТ Скопје Аеродром славеше против Кожув со 76-88.
Во Плејаут Лигата пак, „лебедите“ од АВ Охрид фуриозно поминаа низ Скопје славејќи над Шкупи со 89-106 додека битолчаните на Пелистер на домашен терен славеа против Вардар со 81-74.
Следи пауза поради натпреварите од завршниот турнир од Купот, предвиден да се одигра претстојниот викенд.