Андреј Митревски со капитенската трака на дресот, ќе го предводи нашиот национален младински тим на овој шампионат. Секако во обид да се реализирата планираните цели кои се усмерени кон освојување на едно од првите три места кои водат во „А“ дивизијата од оваа возрасна конкуренција.
„Ова е Европско првенство, нема тука слаби противници и лесни натпревари и секој меч ќе си има свое значење. Ќе одиме чекор по чекор, подготвени сме да го дадеме максимумот и да ја оствариме главната цел.
Сето она што се однесува до фаворитите е само, што се вели, на хартија. Чешка е тука бидејќи лани беше во А-дивизијата, но не се знае кој со каков состав ќе дојде. Секогаш може да има изненадувања и не можам да претпоставувам со кого би се бореле за пласман во следната фаза.
Ние сите веруваме дека ќе ја поминеме групата, плус имаме домашен терен што е од големо значење за нас. Исто така, очекувам да бидат полни трибините и така да ни биде олеснета работата“
Ќе му биде многу полесно на нашиот капитен ако се знае дека покрај себе ќе го има својот клупски соиграч од Феникс 2010, Амар Хот.
„Мислам дека сме доволно подготвени, имаме одлична атмосфера и хемија во екипата и сметам дека можеме да бидеме втори во групата. Но со цел да се пласираме во А-дивизијата, односно да освоиме медал. Би сакал да имаме поддршка од трибините, имаме предност на домашен терен и навистина е добро да дојдат што повеќе навивачи. Направивме анализа за противниците, ни остануваат уште последните подготовки и да излеземе вечерва на терен против Чешка“.
ТЕОДОР СИМИЌ: „Би сакал публиката да биде наш шести играч, тоа ќе ни значи многу“!
„Со оглед на тоа што станува збор за репрезентација до 20 години, во нашиот тим има повеќе играчи кои веќе имаат и настапи во сениорската селекција, а со тоа и искуство на меѓународна сцена. Меѓу нив и Теодор Симиќ кој веќе три години е сениорски репрезентативец и еден од најголемите надежи на македонската кошарка.
Кошаркарот на Борац Бања Лука ги пренесува последните импресии пред стартот на шампионатот.
„Подготовките поминаа во најдобар ред, имавме еден месец да се подготвиме за она што следува. Одигравме и три натпревари и секој од нив беше различен. Сепак, покажавме карактер и потврдивме дека знаеме да играме како тим.
Атмосферата во репрезентацијата е одлична, добро се познаваме. Поврзани сме и играчите меѓу себе, како и со тренерите, а тоа е најважно за остварување добар резултат. Со малку среќа и поддршка од трибините, можеме да оствариме добар резултат. Би сакал публиката да биде наш шести играчи бидејќи тоа ќе ни значи на сите нас.
Наши најголеми ривали за врвот се Чешка, Шведска и Финска во борбата за првите три места. Сепак, би сакал да одиме натпревар по натпревар, а потоа ќе мислиме на она што не очекува на крајот“- смета нашиот највисок кошаркар пред вечерашниот меч со селекцијата на Чешка, закажан за 18.30 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје.