Во изминатите неколку дена, четири македонски тренери: Тео Митевски, Дамјан Саздов, Ера Пајазити и Пепа Ташева, на покана на турската кошаркарска федерација поминаа една специфична тренерска „мини-обука“. Како гости на националната федерација на Турција, од Истанбул, каде што престојуваа во изминатиот период, носат особено важни импресии, потребни во работата на тренерите кои се усмерени во работа со млади кошаркар(к)и.
„Станува збор за своевидна обука за тренери кои работат со млади категории на играчи. Првиот ден од престојот го посетивме националниот тренажен камп на Турција, потоа бевме гости и на нашите домаќини од турската кошаркарска федерација, каде се запознавме со начинот на функционирање на една од најголемите федерации не само во Европа, туку и во светот.
Освен тоа бевме и во посета на некои клубови кои имаат навистина сериозни програми за работа со млади категории на кошаркари, вклучително и Фенербахче, односно Анадолу Ефес, каде исто така го следевме начинот на функционирање во така големи клубови. Се запознавме со условите во кои работат такви величини во европската и светска кошарка, а освен тоа, благодарение на љубезните домаќини, бевме сведоци и на еден натпревар од турскиот плеј-оф“- коментира Дамјан Саздов, инаку дел од стручниот тим на Феникс 2010 од Скопје.