Со натпреварите Еуро Никел 2005-Гостивар и Работнички-ТФТ стартуваше втората, елиминациска фаза од Првата лига-мажи, плеј-офот
А во првиот круг, оној четвртфиналниот, од разигрувањето за титулата, две доста интересни средби во кои победите, исто како и во четвртфиналето од Купот, ги однесоа домашните екипи
РАБОТНИЧКИ – ТФТ 72:65 (1-0)
Потполно изедачен беше премиерниот меч во четвртфиналето од плеј-офот помеѓу екипите кои го делат теренот во СРЦ „Кале“ во оваа сезона.
Ниту една од двете екипи не оствари некоја позначајна предност во првото полувреме. Освен во уводните минути од мечот во кои ТФТ имаше (7:0).
Плус 4 имаше Работнички (23:19) во почетните минути на вториот период. Но ништо повеќе од тоа. Во продолжението на четвртината во неколку наврати имаше и промена на водството, и во резултатот, но не така драматични.
Така завршија и првите 20.минути од играта, (36:34) во корист на екипа која номинално се води како домаќин на овој прв меч од серијата во која полуфиналист ќе биде екипата која прва ќе реализира две победи.
По идентичната трета четвртина решението за победникот падна во последната. Онаа во која „црвено-белите“ направија вишок од шест поени (21:15), и дојдоа до посакуваната цел.
До триумфот ги предводеа Демиен Питс со 16.реализации, Иван Аска, со дабл-дабл скор од 15.поени и 11.скока, додека Младеновски финишираше со десет поени и исто толку скокови.
Кај ТФТ, кој имаше амбиции, ама немаше сили за победа, ниту во овој меч со „соседите“, дури четворица играчи со двоен број на поени. Бејли даде 17 (плус и 11.скока), еден помалку имаше Хортон, Сапунџиев застана на 12. поени, додека Симит одново беше „двоен“ (11.поени и 10.скока).
Вториот меч се игра веќе во петок, на истото место, секако... СРЦ „КАле“, кога во улога на домаќин ќе биде екипата на ТФТ.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ГОСТИВАР 90:79 (1-0)
Првата четвртина на средбата во Гевгелија (Еуро Никел 2005 го одбра салата „26.април“ наместо зафатениот „Јасмин“ во Кавадарци) ја реализираа гостинските кошаркари во своја корист, макар и со минимални (24:22).
Но затоа пак вториот период од играта протекна во доминација на кавадарчани кои стигнаа и до сосема солидни (40:31) во 17.минута од натпреварот. Таа своја добра четвртина ја затворија со слична предност (47:39). А Мијатовиќ со 14, и Рикиќ со 10.поени го предводеа Еуро Никел 2005 до тоа солидно водство кое го имаа на големиот одмор.
Костоски и Тодоровиќ парираа со по 11.реализации во составот на Гостивар, каде го немаше повредениот Вокер (се здоби со повреда во четвртфиналето од Купот против истиот ривал) и капитенот Димитриески.
Победникот на овој меч почна да „се познава“ во третиот дел од играта во кој кавадаречкиот состав изгради уште поубедливи, и недостижни (70:53).
Комплетната стартна петорка, освен искусниот Караколев, забележа двоцифрен број на реализации. А добриот колективен пристап го надополнија Перовиќ со 12, односно капитенот Петровски со 11. поени, кои се водеа како резервисти.
Добри моменти, барем во нападот, кај Гостивар имаа Годоровиќ со 20. Постигнат поени, Јанески со 19, додека Костоски остана на 11.поени од првото полувреме. Двоен број на поени, 17.стигна и од новакот Лакиќ, но премалку да се побегне од првиот пораз во серијата која продолжува во петок навечер во Гостивар.
ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛE
РЕЗУЛТАТИ - ПРВ НАТПРЕВАР
Работнички – ТФТ 72:65 (1-0)
Еуро Никел 2005 – Гостивар 90:79 (1-0)
Пелистер – Навико Академија ФМП (во тек)
20.00: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 2009