23.07.2018

Да ја оправдаме довербата за организација на уште едно првенство

Македонската кошаркарска федерација трета година во низа ќе организира младинско европско првенство во главниот град на републиката. Овој пат, МКФ ја доби довербата да организира масовно првенство, со вкупно 24 земји учеснички – Европско првенство за кошаркари до 18 години, дивизија Б.

Првенството ќе трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор (30. јули и 2. август), а натпреварите ќе се одиграат во СРЦ „Кале“ (голема), двете сали на СЦ „Јане Сандански“ како и vip арената при СЦ „Борис Трајковски“. Нашата јуниорска репрезентација натпреварите од групната фаза ќе ги одигра во големата сала на „Кале“, со почеток во 18:45.

На денешната прес-конференција Градоначалникот на Град Скопје, господинот Петре Шилегов ја потенцира поддршката на градот кон организацијата на ова првенство.

  • Ми претставува чест и задоволство што Скопје оваа година е домаќин на европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 18 години, најмасовно првенство за млади со учество на 24 екипи и вкупно 300 учесници. Првенството трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор (30 јули и 2 август), почнува на 27 јули, завршува на 5 август 2018 година. Спортувањето е важна алка во развојот на младите и планирам да остане доследен во својата обврска како градоначалник, на секој можен начин да ги поддржувам сите млади луѓе кои се мотивирани да се занимаваат со спорт, независно дали тоа го прават професионално или рекреативно. – истакна Градоначалникот.

Селекторот на репрезентацијата Панче Милевски говореше за очекувањата од тимот.

  • Очекувам тимска игра и давање максимум во секој момент од секој играч. Би сакал да продолжиме во исто темпо, победничко, како и за време на подготовките. Не сакам однапред да прогнозирам и да претскажувам успеси, неуспеси и пласмани, па и да звучам песимистички, но наше е на секој еден натпревар да одиме на победа. Имавме одлични услови за подготовки, работевме напорно и очекувам добар настап на првенството. – истакна предводникот на оваа репрезентација, Панче Милевски.

Јуниорите го избраа Лука Стојановски за капитен, кој ја потврдува одличната тимска хемија.

  • Сите ние четиринаесет момци кои досега бевме заедно работевме напорно и ќе го покажеме тоа на теренот. Мислам дека оваа репрезентација има супер квалитети, тимската енергија е на високо ниво, а ние сме желни за нови победи. - дополни капитенот.

Фотографијата е позајмена од официјалната веб-страница на Град Скопје.