Репрезентацијата во машка сениорска конкуренција синоќа замина за Косово. Денеска, нашите сениорски репрезентативци ќе го одиграат првиот натпревар во рамки на втората фаза од претквалфикациите за Евробаскет 2021.
Првото место во групата од првата фаза на претквалификациите ни ги донесе соодветните селекции на Косово и на Романија како противници.
Според распоредот на ФИБА, идентично како во првата фаза, нашата мисија ја започнуваме на гостински терен. Денска, 13. септември, ќе ја отвориме втората фаза на гости во Косово додека за три дена (недела, 16. септември) ќе ја пречекаме Романија.
- Секогаш е потешко кога се игра на гостински терен, без разлика дали станува збор за прв натпревар од фаза или последен. Ние ќе мораме да се сконцентрираме и вечерва да прикажеме што подобра игра. Одработивме два тренинга во салата и можам да кажам дека кошаркарите се подготвени. Впрочем и тие неколку кошаркари кои се пожалија на минимални болки на последните неколку тренинзи во Скопје синоќа не пријавија никакви потешкотии. Ќе мораме да внимаваме на повеќе елементи во играта, да ги спречиме во намерата да ги блокираат нашите играчи, а во ист момент да внимаваме и на одбраната како и на Бериша за кој сите сме свесни за каков играч станува збор. Се ќе биде полесно доколку ја отвориме втората фаза со победа. - потенцира селекторот Јорданчо Давитков.
Натпреварот против Косово ќе започне во 20часот и 30минути и ќе биде директно пренесуван на ТВ Алфа.