22.02.2020

ДАЛЕКУ Е КРАЈОТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ - Една загубена битка не значи и загубена војна! (ФОТО)

Легнаа некаде после 03.00 часот, и немаа доволно време за да го одработат претпладневниот тренинг испланиран за 12.часот. Наместо тоа, часови на рекуперација пред оној вечерашниот. За нас во Македонија пладневен (16.часот), за домаќините, секако вечерашен – 20.часот.  

Нов, мал, но сепак проблем за аклиматизирање на условите на функционирање во Перм, градот каде утре навечер нашата сениорска селекција  ќе ја бие втората квалификациска битка.

Онаа против Русија, селекција која исто како и нас, имаше неуспешен почеток, загуби убедливо на гостувањето во Италија (64:83).   

„Патувавме 17 часа, преку Софија и Москва и пристигнавме во два часот после полноќ. Според распоредот, имаме тренинг во времето на одигрување на натпреварот на кој ќе се обидеме да испробаме некои тактички замисли“- рапортира селекторот Тодоров, пред почетокот на тренингот во салата „Молот“ во Перм.

„Атмосферата е добра бидејќи и играчите, како и јас, веруваат во овој процес. Сите добро знаеме дека една загубена битка не значи и загубена војна“- порачува предводникот на нашиот национален тим.

Инаку, универзалната спортска арена Молот е изградена во 1966, а реконструирана во 1989 година. Во неа своите натпревари ги игра хокејарскиот тим Молот Прикамје и кошаркарските екипи Урал Грејт и Парма.

За кошаркарски натпревари има капацитет од 7.000 места и се очекува комплетно да биде исполнета на мечот меѓу Македонија и Русија.