30.07.2023

„Ќе имаме шанси да се натпреваруваме, да бидеме ‘пата-пата’ со сите. И дека на крајот ќе поминеме добро“- вели нашиот репрезентативен бек

ДАМЈАН РОБЕВ: „Имаме малку време пред нас, но ќе бидеме добри, ќе прикажеме добри игри“ (ВИДЕО)

Дамјан Робев полека, но сигурно, си го најде своето место во сениорскиот национален состав. Беше важен дел од успешно реализираните натпревари во првиот круг од претквалификциите за Евробаскетот во 2025 година.

Од него стручниот штаб очекува да продолжи во ист ритам и на турнирот кој следува. Уште еден претквалификациски, но сега доста поважен, би се рекло, за настап на Олимпијадата во Париз.

„Секогаш е убаво чувството да се игра за националниот тим. Сите што сме тука сме дојдени да го дадеме својот максимум. А на максимален ефект ќе одиме и на турнирот во Талин. Факт е дека имаме доста ослабен ростер, дека многу играчи се повредени. Но се надевам дека ќе се прикажеме во едно добро издание и дека ќе дадеме се од себе“.

Не е лесно да се влезе во оној „работен ритам“ особено ако се знае дека зад најголем дел од играчите, не само во нашиот национален тим, се скоро два месеци паузирање, односно одмор по напорите кои со себе ги донесе ланската сезона.

Но тоа не треба да биде пречка во реализацијата на планираните активности во периодот кој следува:

„Ние сме заедно подолго време, две-три години во оваа екипа. Добро се познаваме, доволно за да се воиграме, но сепак периодот за тоа е доста краток. Особено по еден двомесечен период на пауза од крајот на ланската сезона, малку е потешко да влезеш во ритам. Но мислам дека ќе бидеме добри. Дека ќе прикажеме добри игри“.

Нашиот репрезентативен бек вели дека не постојат фаворити во нашата натпреварувачка група на турнирот во Талин.

„Нема фаворити помеѓу овие репрезентции, пред се затоа што сите доаѓаат со ослабен ростер. Не можат сите да дојдат во ‘фул’ состав. Оттука мислам дека ќе имаме шанси да се натпреваруваме, да бидеме ‘пата-пата’ со сите. И дека на крајот ќе поминеме добро“ – смета Робев, на истек на првата работна седмица од подготовките на нашиот сениорски национален тим во Скопје.

https://youtu.be/PEGYQpvBp3U