Со победа над вечниот градски ривал Работнички во финалето од завршниот турнир, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја освои десеттата титула од националниот Куп, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда, „Благоја Георгиевски Буштур“.
Капитенот на сино-белите од скопски Аеродром, репрезентативецот Дамјан Стојановски, е прогласен за најкорисен играч.
„Мислам дека тоа што навистина играме како екипа и се жртвувавме еден за друг придонесе за оваа титула. Во одбрана бевме одлични и со тоа го добивме дуелот. Дополнителен адут ни е поголемата ротација што ја искористивме максимално и резултатот беше овој триумф. Тројката беше моментална инспирација, ова признание е за целиот тим, сите играме како еден, сите игравме на високо ниво.“ - истакна Дамјан Стојановски по завршување на натпреварот.