Капитен е на вториот тим на МЗТ Скопје, со додавка Уни Банка. Стандарден член на селекцијата „Под 18“ години, која лани беше на чекор на пласман во Дивизијата „А“ на Европското првенство во Орадеа.
Оваа година пак, играше на јуниорскиот турнир од АБА лигата, потоа со вториот тим од Аеродром и дебитираше, како и добар дел на играчите од генерацијата 2001, во друштвото на најдобрите во Македонија.
Му остана нереализирана желбата за барем една победа во прволигашка конкуренција, но и настапот на ЕП од Дивизијата „Б“ со селекцијата „под 20“ години кое ова лето беше планирано да се одигра во Грузија.
Но нема разочарување кај Дарио Митевски, напротив. Предводникот на втората селекцијата на клубот од Аеродром дава позитивна оценка за она што му се случуваше во текот на оваа сезона, прекината поради појавата на корона вирусот.
Како Дарио Митевски ги користи овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Вирусов нè оддалечи од салата и тимските тренинзи, ама продолжив да тренирам во домашни услови. Имавме зададена задача од тренерот Горан Крстевски-Кичо за анализирање на златните минути што ги добивме како млада генерација да игра во Првата лига“- појаснува Митевски за актуелниот кошаркарски момент.
За првпат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?
„Голема е разликата во квалитет од Втора до Прва лига. Ритамот е многу појак и дуелите во играта се посилни. Победивме доста четвртини и полувремиња. Бевме блиску и до некоја победа, но најмногу поради нашите години и неискуство не дојдовме до него“.
Како си задоволен од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„За сите нас оваа сезона беше едно ново искуство кое беше скратено поради пандемијата. Ќе имавме уште многу натпревари и минути на терен кои се многу потребни за еден млад играч. Лично јас имав успешна година. И како најмлад капитен на екипа во Прва лига сум и премногу задоволен од постигнатото. Покажавме дека сме на вистински пат, а со учеството на јуниорскиот АБА турнир во Задар докажавме и дека сме рамноправни со тимовите од регионот кои се на самиот врв во кошаркарска Европа“.
Поради пандемијата нема да го играте Еврошампионатот во Грузија?
„Штета, требаше да играме во Грузија, но тоа е одложено. Лани во Романија имавме шест победи во првите шест натпревари. Во полуфиналето, можам да кажам дека повеќе немавме среќа отколку што бевме играчки надиграни од противникот. Тоа е силно првенство и игравме против играчи кои веќе имаа дебитирано во Евролигата. Сето тоа е големо искуство, кое, за жал, оваа година ќе ни недостасува поради оваа непосакувана ситуација“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„Јас имам договор со МЗТ Скопје Аеродром. Мојата желба за тренирање во сала, со топка, е огромна. Едвај чекам сето ова да заврши и да се нормализира кошарката кај нас“- јасен е во својата желба Митевски.