Дарко Радуловиќ има причини да биде задоволен. Откако седна на кормилото на МЗТ Скопје Аеродром, стигна и до третиот трофеј. По оние ланските, во Купот и во првенството, сега дојде и до оној во Суперкупот кој од оваа сезона го носи името „Драган Василов Цевка“.
Младиот тренер на „металците“ го анализира натпреварот од Суперкупот во кој неговата екипа стигна до победничкиот трофеј со минимална победа над Работнички (79:78).
„Беше интересен натпревар за сите гледачи, на телевизија... Беше прв официјален за нас, беше прв и за Работнички на почетокот на новата сезона, затоа и е помалку нормално емоциите да бидат нагоре-надолу. Резултатски гледано, искрено можеби ние не очекувавме Работнички да се претстави во едно вакво, одлично светло. И дефинитивно ќе бидат сериозен противник во текот на сезоната.
Кога веќе можевме да ја решаваме работата во наша корист, почнавме малку да се опуштаме, почнавме да бараме некои други индивидуални решенија. Луѓето си погодија неколку тројки и се вратија во игра.
Им честитам на нив за борбеноста, им честитам и на моите играчи. Заслужено го победивме овој натпревар, еден вистински ролеркостер. Но тоа е така кога играат МЗТ и Работнички“.
Дали оваа победа со еден поен разлика, е своевидна најава дека МЗТ Скопје Аеродром е најголемиот фаворит и во сезоната која следува?
„Не би рекол дека оваа година МЗТ Скопје е изразит фаворит. Да, ние сме МЗТи сме шампионска екипа, и МЗТ е секогаш фаворит. И ние го прифаќаме тоа, и го носиме тој притисок. Меѓутоа оваа сезона лигата има доста квалитетни екипи со сериозни, со широки ростери. Јавноста знае кои се тие, и не би сакал да ги именувам сега. Оваа година изразити фаворити нема. Но, овој резултат за мене кажува дека ние сме далеку од фаворити. Во моите очи сме далеку од формата. Допрва треба да ‘влеземе’, да почнеме, Ние го сетиравме ‘пикот’ за некои други датуми. Меѓутоа, ќе биде многу интересна сезона, изразити фаворити – нема“
Дали е екипата таква каква што посакувавте да биде?
„Здравствено сеуште не сме добри, Нашиот плејмејкер Дастин Вер беше во состав, не беше во опција да игра. Се надевам од понеделник дека ќе биде во полн ритам. Меѓутоа, еве имаме проблеми со повредата на Крстевски и сега видовме дека и Мекиќ го повреди зглобот. Нè следат некои такви малери, но ние нема да се откажеме, ќе го даваме својот максимум од можностите. Со она што го имаме на располагање ќе го даваме својот максимум. Се надевам дека до првите натпревари, во АБА лигата, ќе бидеме сите спремни да одговориме на предизвикот“- дополнува Радуловиќ по првиот освоен трофеј во новата сезона.