11.12.2019

успешен викенд за нашите репрезентативки

Деби на Николиќ за сениорскиот тим, шоу на „Супер-Лаз“ во Милано

Седумнаесет години, три месеца и 29 дена имаше нашата репрезентативка Матеа Николиќ кога го запиша првиот настап за сениорскиот тим на клубот Енсино Луго.

Младата репрезентативка, која покрај во младинските репрезентации настапува и за сениорската а-селекција, ја доби довербата на тренерот на натпреварот против Екстремадура на кој запиша два поена зад своето име. Во финишот, Енсино Луго славеше со 100-52.
Николиќ се опоравува од повредата заработена на Европското првенство за кошаркарки до 18 години (дивиизја Б) кое летото што измина се одржа во Скопје.

Нена Трајчевска, која ја носеше ‘капитенската лента’ на последните два натпревара на сениорскиот тим, запиша пораз со својот тим Самсун Чаник во рамки на осмото натпреварувачко коло од тековната сезона во првата турска женска лига. За 29 минути поминати на паркетот пред домашната публика, нашата репрезентативка запиша 12 поена и пет скока. Со конечен резултат од 77-90 од Измит Беледијеспор за Самсун ова е осмиот пораз во низа.

Втора сезона во низа, Александра Стојановска го носи дресот на Фламуртари од Албанија. На последниот натпревар за својот тим, таа запиша шест поени, пет скока и шест асистенции. Нејзиниот тим е прв на табелата во тамошното првенство, со девет победи од девет одиграни натпревари. На последниот натпревар, против Камза, Фламуртари колективно постигна 110 поена (конечен резултат 60-110).

Софија Лазареска даде повеќе од една третина од вкупниот број на поени кој го постигна нејзиниот тим, Милано Баскет Старс, на натпреварот против Понтевико. „Супер - Лаз“, како што ја нарекуваат во тимот, постигна 25 поени од вкупно 72 на својот тим за победа над Понтевико (72-69) во рамки на единаесеттото коло од регионалната лига во Ломбардија, втора по ранг (Серија Б, рег.).