На паркетот во салата на А1 Арената „Борис Трајковски“ од првиот тренинг, а за првпат како дел од сениорскиот национален тим се појавија Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Филип Бакоч и Виктор Ефремовски.
Во репрезентацијата повторно е и Кристијан Николов, кој уште во 2012 година во пресрет на предолимпискиот турнир во Венецуела, беше дел од сениорите.
„Чувството е одлично. По доста години сум назад во репрезентацијата, би рекол, се вратив таму каде што припаѓам. Се надевам дека во овие квалификации се ќе биде како што треба, и дека ќе се пласираме на Евробаскетот“- вели Николов.
„И со Естонија ќе ни биде тешко. Играат и се доста брзи. Но мислам дека имаме поквалитетен состав. Знам дека сите ќе дадеме максимум. Факт е дека подмладувањето ќе донесе и некои тешки денови. Но ќе работиме напорно и ќе се вратиме на европската сцена“.
Филип Бакоч е еден од оние кои за прв пат во кариерата го добија повикот од селекторот на сениорската репрезентација, Александар Тодоров.
„Чест е да се биде дел од овој тим. Сметам дека овие момци имаат квалитет да се изборат за пласман на Евробаскетот 2021. Претстои период на подготовки и се надевам дека со малку спортска среќа ќе постигнеме голем успех. Ова е голема шанса за нас, условно кажано, помладите играчи. И треба да ја искористиме. Благодарен сум на селекторот и стручниот штаб за оваа можност да бидам дел од националниот тим“- вели Бакоч.