17.02.2025

Квалификации за Евробаскет 2025

Денеска, почeток на мини-подготовките на нашиот машки сениорски национален тим

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска попладне, од 18:00 часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, ќе ги стартува подготовките за натпреварите кои следуваат во февруарскиот ФИБА „прозорец“ за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Селекторот Александар Јончевски стави 16. кошаркари на конечната листа на кандидати за двете средби против селекциите на Естонија и на Полска.

Првиот од двата дуела, оној на гости кај Естонија во Талин, е заакажан за в петок (21. февруари) додека вториот, три дена подоцна, 24.февруари (понеделник), на домашен терен во Скопје против Полска.
Согласно со планираното, во салата СРЦ „Кале“, каде, во понеделник, од 18:30 часот, ќе го играме натпреварот против репрезентацијата на Полска, „црвено-жолтите“ ќе одработат и одреден број на тренинзи. По денешниот, закажан за 18:00 часот, во вторник следува уште еден централен. На денот на заминување за Естонија (19. февруари, среда), кошаркарите ќе одработат уште еден, лесен тренинг.

Во Естонија ќе одработиме два тренинга пред одигрување на натпреварот закажан за в петок со почеток во 19:00 часот. Враќањето во Скопје е предвидено во текот на денот в сабота. Следуваат уште два тренинга, па натпреварот против Полска во СРЦ Кале.