Нашата машка сениорска селекција во „3Х3“, во состав: Христијан Ристов, Марко Дујковиќ, Благој Димитриев и Ервин Цого е веќе во Констанца, каде вечерва ќе ги започне натпреварите од квалификациите за пласман на Европското првенство.
Нашата „четворка“ ќе одигра два натпревари во рамки на 'pool А' рундата, против Црна Гора (17:10 часот) и против Полска, два часа подоцна (19:00 часот).
Очекувањата ги пренесува Ервин Цого, најдобриот баскет играч во Македонија за 2021 година.
„Дојдовме овде да го дадеме најдоброто од нас. Ја имаме најтешката група. Но кога се игра во дресот на националниот тим, секој натпррвар си има своја тежина. Не е лесно, но сепак, задоволството е големо. Црна Гора и Полска се фаворити за пласман на ЕП. Добро се знаеме со селекцијата на Црна Гора, и тие знаат против кого ќе играат, а кога играш против нас е можно се. Никогаш не зависиме од играта на другите, секогаш зависиме од самите нас“ – вели Цого.
„Морам да потенцирам една друга работа. Раководството на КФСМ застана целосно зад овој проект. Имавме двонеделни подготовки во изминатиот период, застанаа зад секоја наша желба поврзана со подготовките и настапот во Констанца. Благодарни сме поради тоа. Навистина имавме сериозни подготовки, се залагавме максимално на секој тренинг , се со цел да го направиме тоа што сите силно го посакуваме – пласман на Европското првенство“.
Во зависност од исходот на овие два натпревари, ќе биде познат и понатамошниот „календар“ за нашиот национален баскет тим, односно место во нокаут-фазата која е закажана за 5.јуни (недела).
ЛИНК ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО КОНСТАНЦА
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ГРУПАТА „А“
15.30: Црна Гора - Полска
17.10: МАКЕДОНИЈА - Црна Гора
19.00: Полска - МАКЕДОНИЈА