23.04.2020

Денот „Д“ за Евролигата е 24. мај, познат и календарот на активности, ако се продолжи со играње

На Бордот се утврдени голем број на обврски и гаранции за оваа сезона, и за играчите, и за клубовите кои се дел од најквалитетните европски клупски натпреварувања.

 

Крајниот рок за одлука околу тоа дали ќе продолжи или натпреварувањето во Евролигата и Еврокупот ќе биде прекинато, ќе биде познат на 24.мај, одлучено е на состанокот на челниците на натпреварувањето и Унијата на евролигашките играчи.

Одлуката за двете натпреварувања во ингеренции на „ЕЦА“ ќе биде донесена на 24.мај.

Ако се продолжи со играње во Евролигата и Еврокупот, екипите учесници во периодот од 29.мај до 11.јуни ќе бидат во соодветен „карантин“, ако е за тоа потребно, додека пак периодот за подготовки е планиран од 12. јуни до 2.јули.

Планирано е во Евролигата да се одиграат заостанатите 54.натпревари, а потоа, во еден град, без присуство на публика, во период од 4. до 26. јули, да се одигра „Ф8“ турнирот.

Плановите околу Еврокупот е да се продолжи според постоечкиот формат. Вклучително одигрување на четвртфинале, полуфинале и финале од 4. до 17.јули.

Не е познато дали тоа ќе бидат по два натпревари, или пак ќе се игра само по еден, елиминациски.

Сите натпревари би се играле без присуство на публика.

Бородот на Евролигата едногласно одлучи овие натпреварувања да бидат продолжени само ако тоа го дозволат здравствените авторитети и локалната самоуправа.

Како што се наведува во официјално соопштение, ако натпреварувањата останат суспендирани, играчите на своја одговорност, ќе можат да се вратат дома, но придружени со препорака околу сите здравствени насоки.

Исплатата на нивните плати се одложува.

Ако безбедносните и здравствените услови го дозволат тоа, сезоната ќе продолжи, па во тој случај, договорите на играчите за оваа сезона се продолжуваат до 31. јули, а 85% од основната плата ќе исплатат клубовите, најдоцна до 15.август.

Ако сезоната не се заврши односно доигра, договорите со играчите ќе се сметаат како завршени, додека во случај на повеќегодишни договори, обврските на клубовите кон играчите ќе бидат продолжени до 1.јули.

Клубовите ќе исплатат 80% од основната плата, најдоцна до 15.август.  

Евролигата и нејзините комисии ќе ги следат сите страни како би се осигурале дека тие ги исполнуваат своите обврски.

Како што се наведува, разговорите со Одборот на главните тренери во Евролигата се во тек, со цел да се постигне договор за спогодба на нив на целата лига.

„Сите играчи, членови на ЕЛПА, трпат заедно како тим, и горд сум што целото евролигашко кошаркарско семејство останува обединето во овие тешки времиња, како во финансиска смисла, така и за јавното здравје“- констатира првиот човек на Евролигата, Жорди Бертомеу.

 

Сето ова значи дека Евролигата си даде „фора“ за реализација на планираните активности во период од еден месец, со надеж дека ќе биде надмината оваа ситуација која ја донесе корона вирусот. За регуларен крај на сезоната 2019/2020 во двете најквалитетни натпреварувања во Европа.