14.12.2019

ДЕСЕТТО КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА: Гостивар ги издржа „пантерите“, но...

Со прикажаното во овие 40.минути во салата „Независна Македонија“ во Скопје (67:58), не најави излез од кризата

АКАДЕМИЈА ФМП – ГОСТИВАР           58:67

(16-10; 17-17; 11-15; 14-25)

Кризата која е евидентна кај гостиварци, беше видлива и во првата четвртина на гостувањето во Кисела Вода. Амбициозните домаќини влегоа со далеку поголема желба за успех. И имаа постојана предност, која ја сочуваа до последната секунда од првиот период.

Водеше тимот на Игор Гацов со сосема солидни (16:10).

Иако беа далеку од одбри, гостиварци стигнаа до егал-скор (25:25), но во таа сиромашна со поени четвртина, „пресуди“ серијата од осум дадени поени на „пантерите“ за „бегство“ на (33:25). И сосема солидно водство на полувремето (33:27) во кое играта ја водеше американскиот двоец, Харис-Лонг.

Со слабиот шутерски ефект, пред се за три поени, (2/17), што е едно од нивните главни оружја во оваа сезона, гостите можеа да бидат и задоволни со една таква негатива со која заминаа на 15.минутниот одмор.

Уште потешко даваа поени противниците во третата четвртина. Имаа по шест на двете страни по пет минути игра, за непроменети (39:33). А како да биде поинаку ако се земе в предвид дека во 25.минути игра двете екипи имаа очајни 1/9 (домаќинот), односно 2/24 во шутот вреден три поени!!!

 Имаше Академија ФМП и највисоки (44:35), но петте поени на ветеранот Тасовски, и една реализација на не баш многу забележливиот Доналдсон, го оставија во игра Гостивар. По три четвртини резултатот гласеше (44:42) за Академија ФМП.

Новата серија, сега од (7-2), му го донесе и водството на гостинскиот тим (49:46), кога Џелетовиќ (конечно) погоди и за три.

Тренерот на Академија ФМП, Игор Гацов проба да го сопре гостиварскиот налет со тајм-аут. Но Џелетовиќ погоди уште еднаш од истата позиција за највисоки (52:46) во корист на Гостивар.

„Пантерите“ одговорија со иста мерка, за нова промена на водство (53:52). На тројките на Димчевски и Џелетовиќ, домаќините вратија преку Лонг и Харис (58:59). Но во пресудните мигови од мечот, гостиварци одиграа онака „на искуство“. Мирно, без паника. Ја казнија секоја грешка на противникот, и на крајот стигнаа до она што го посакуваа - победата.

Затоа што Џелетовиќ се „разбуди“ точно на време, во периодот на одлука, во кој стигна до оние крајни 18. поени, доби сосема добра подршка од Димчевски (со 13.поени), и секако незаобиколниот Таасовски, стрелецот на десет доста важни поени во овој триумф за прекин на серијата порази.

Академија ФМП не успеа да изненади уште еден од фаворитите за висок пласман. Со само 58.. дадени поени на домашен терен, не можеше ни против еден не така „јак“ Гостивар.

Иако нивниот ударен трилинг Харис-Нацевски-Лонг,  ја надмина бројката од најмалку десет реализирани поени, домаќините не знаеја да го зададат оној конечен удар.