Битолските „зелено-бели“ ја реализираа и третата по ред победа во шампионатот, за 50% ефект (5-5) во десет одиграни кола.
ПЕЛИСТЕР - КУМАНОВО 2009 88:70
(20-16: 21-21; 28-20; 19-13)
Првото полувреме помина во доста изедначена игра во која ниту една од двете екипи не направи некоја поосетна предност. Барем во уводната четвртина. Плус осум „пелистерци“ имаа (31:23), имаа во 16.минута. Но Куманово, преку шутерски расположеното трио, Марковски, Јанески, Петровски (дадоа седум тројки) до одморот таа негатива ја преполови (37:41).
Од друга страна пак дури 19.поени за „зелено-белите“ дадоа резервните играчи, девет Цветковски, а Голубовиќ и Зекири уште десет (комбинирано).
Одличен почеток на второто полувреме имаа домаќините, во пет минути реализираа 17, а примија само четири поени. И побегнаа на високи (58:41). Мини серијата од неколку поени на Куманово 2009 придонесе таа да биде нешто пониска пред влезот во последниот период, (69:57).
Но и тоа беше со „краток рок на траење“ затоа што со своја серија од (14-3) Пелистер се одлепи на недостижни (83:60). Па последните пет минути се претворија во одбрана на таа убедлива разлика.
Ја креираа стартерите кои на паркетот ги испрати новиот тренер Љупчо Малинков, Казарновски уфрли 16, Враниќ имаше 13, а по 11 дојдоа од Думиќ и Мекиќ. Со ефектот на Цветковски од 15.поени, сосема доволно за убедлива победа.
Марковски и Јанески реализираа по 16.поени за Куманово, Младеновиќ имаше одличен дабл-дабл од 11. поени и 13. асистенции. Но премалку за да се совлада се подобриот тим на Пелистер кој со третиот по ред триумф во серија стигна до половичен ефект (5-5).
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ВАРДАР 82:66
(17-15; 27-27; 19-9; 19-15)
По доста промени на водството, на истекот на 20.минути, Еуро Никел 2005 имаше минимални (44:42).
Но серијата од (10-3) во првите три минути од третата четвртина го донесоа првото посериозно одвојување. Во корист на екипата домаќин (54:45), во чии редови „двоцифрени“ веќе беа Петровски со 13, односно Каплановиќ со 11. реализации.
Чудно, но во шест минути од тој период, гостите дадоа само три поени, па предноста на кавадаречкиот состав отиде и на двоцифрена (57:45). Така беше и на истекот на 30.минути, (63:51) за Еуро Никел 2005.
По две и пол минути игра во четвртата четвртина, екипата од Скопје намали на достижни (58:65). Но тоа беше нивниот последен обид за некаков пресврт, и во играта и во резултатот.
Кавадарчани стигнаа до нова победа на домашен терен во последниот меч за 2019 година пред својата публика во „Јасмин“. За нив седма во десет натпревари, а во која свое „учество“ освен Каплановиќ (15.поени) и Петровски (18), дадоа и Караколев (стрелец на 15.поени, односно Николиќ кој даде 12.
Невеш финишираше со 21, Станимировќ со 14, а двоен број на поени кај Вардар -10, оствари и повратникот во тимот, Темелковски.