14.12.2019

ДЕСЕТТО КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: „Пелистерци“ сакаат да го продолжат победничкиот низ, кумановци исто така!

Десетиот круг од натпреварите во Првата лига, носи неколку доста интересни натпревари, макар што во фокусот на вниманието треба да е дуелот, оној неделниот, во СЦ „Јане Сандански“, каде се среќаваат екипите на МЗТ Скопје Академија и гевгелиски Кожув.

Но претходно, возбудувања ќе има и во саботната вечер...

Пелистер – Куманово

Дуелот во Битола е добра шанса за една од двете екипи Пелистер односно Куманово 2009 да продолжат со серијата на победи.

За „пелистерци“ се успесите против МЗТ Скопје Уни Банка односно Гостивар, додека пак кумановци славеа во Гостивар, но и дома против Еуро Никел 2005.

„Секогаш е убаво кога се победува“- вели Љупчо Малинков.„Победивме доста битен меч со Гостивар, а распоредот сакаше втора недела по ред да бидеме дома. Добро од проста причина што ни беше потребно време да се запознаеме уште повеќе со играчите и да се подготвиме за она што не чека во дуелот со Куманово. Мора да бидеме крајно внимателни. Многумина ги потценија потенцијалите на кумановскиот состав. Некои од нив се изгореа. Наше е да реагираме на оној начин на кој што го одработивме минатиот викенд“- дополнува новиот кормилар на „пелистерци“.

Последните успешни игри го ставија Куманово 2009 во групата од пет екипите со ист ефект, шест победи и три порази.

„Покажавме дека никој не може и не смее да го откаже Куманово 2009 во оние планови за изгледот на табелата. Не само против Гостивар, туку и против Еуро Никел 2005 во кои реално се надминавме себеси. Ги оставивме сите проблеми зад себа и стигнавме до успех“- смета Александар Петровиќ.

Шефот на струката на Куманово 2009 потенцира дека Пелистер сега е една „друга екипа“ за разлика од онаа на почетокот на сезоната.

„Нема дискусија. Клуб со добар буџет, добри играчи. За мене лично секогаш е пријатно задоволството кога доаѓам во Битола. Макар и како тренер на некоја друга екипа. А тоа ќе биде уште поголемо ако во сабота вечер излеземе како победници во мечот со Пелистер“.

Еуро Никел 2005 – Вардар

Секој друг резултат освен победа на Еуро Никел 2005 против Вардар ќе биде изненадување на колото.

Секако, не смее да им се одземе правото на успех на младите кошаркари во „црвено-црна“ комбинација. Но по загубениот меч во Куманово, по продолжението од пет минути, ги тера кавадарчани да не размислуваат на друг, поинаков исход.

Во изминатите неколку кола Вардар покажа дека има сили за едно полувреме, па задача на нивниот тренер Дарко Радуловиќ ќе биде тоа време да го „продолжи“, односно неговата екипа да биде конкурентна и по одморот.

ФМП Академија – Гостивар

Многу возбудувања треба да донесе дуелот во скопската населба Кисела Вода во кој Академија ФМП го пречекува Гостивар.

Домашната екипа успеа во обидите да го добие дуелот кој мораше да го добие, оној против МЗТ Скопје Академија. Од друга страна пак, зад кошаркарите на Гостивар се поразите во дуелите со Куманово, односно Пелистер, со кои се „симнаа“ од она лидерско место во Првата лига.

„Неоспорно е дека Гостивар влегува како фаворит во овој натпревар. Пред се затоа што со нив доаѓа она потребно искуство за оваа конкуренција. Важат за шутерска екипа, ако влезат во шутерски ритам, тешко е да ги сопреш. Наш приоритет ќе биде да го спречиме токму тоа. Да немаат многу отворени позиции за шут. Ние немаме што да загубиме. Напротив, можеме само многу да добиеме, како што тоа беше на средбата со Работнички. До крајот на сезоната остануваме без Бешлиоски, кој ги повреди лигаментите на коленото. Значи играч помалку во ротацијата. Но што е тука е, одиме да изненадиме“- вели Игор Гацов, првиот тренер на ФМП Академија.

Со уште поголеми проблеми, се чини, се соочува неговиот колега од другата страна на игралиштето.

Марјан Србиноски мака-мачи како да ја состави екипита за дуелот со „пантерите“.

„Морам да признаам една работа, во овој момент навистина не знам со која екипа ќе настапиме на оваа средба“- вели Србиноски. „Не можеме да побегнеме од проблемите. Доналдсон е болен,  не тренираше ниту Џелетовиќ, а не можам да сметам ниту на Костоски, кој навистина почна со некои праволиниски движења, но е далеку од натпреварувачката форма. Кој ќе игра, ќе видиме во сабота навечер. Но на оние кои ќе бидат во екипата останува да го пружат својот максимум“.

МЗТ Скопје Унибанка – Работнички

Двојната недела програма во Спортскиот центар „Јане Сандански“, ќе ја отворат вториот тим на МЗТ Скопје и на Работнички.

И тука е јасно кој е фаворитот. Но младите „металци“ и против Академија ФМП покажаа дека оној што ќе ги потцени, ќе мора добро да се препоти ако сака да ги освои двата бода.

За Работнички ова е уште една можност да ја подигне формата на уште повисоко ниво, и секако, да остане при врвот на табелата.

МЗТ Скопје Аеродром – Кожув

Дуелот помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Кожув е апострофиран како дерби на десеттиот круг на Првата лига.

Шампионот конечно стигна до планираното, првото место на табелата. Ќе сакаат „металците“ да го одбранат во мечот со Кожув, кој втора недела по ред гостува во главниот град.

Па по дуелот со Работнички, тимот кој го води Александар Јончевски ќе се сретне со уште еден фаворит.

„Со оглед на скратената ротација со која настапуваме во последно време, ќе мора да промениме некои работи во нашата игра во пресрет на овој меч. Мора да се поставиме одбрана против нивните високи играчи. Знаете дека МЗТ Скопје дополнително се засили, имаат 11. играчи во ростерот, подготвени за игра, што сигурно е нивна голема предност.

За нас пак е голем хендикеп што не можеме да сметаме на капитенот. Пред два дена Бојан Трајковски имаше успешна операција на коленото. И сите мисли ни беа насочени во таа насока, негово што побрзо опоравување. Евидентно е дека Трајковски многу недостасува на оваа екипа. Видовте дека против Работнички настапивме само со седум играчи, некои од нив и без доволно искуство за играње на такви натпревари. Не треба да се заборави и дека Пајиќ има недоволно залечен по повредата на скочниот зглоб. И дека не може да го даде сцојто максимум. Сето тоа ни ги усложнува работите во финишот на овој прв дел од шампионатот. Ќе биде тешко, но Кожув секогаш игра добро, особено прптиов МЗТ Скопје. Тоа мора да го потврдиме и на нашата публика во Гевгелија која може да го проследи овој меч на ТВ, а некои од нив кои во недела попладне ќе бидат на ‘лице место’, во СЦ ‘Јане Сандански’ “- признава Јончевски.

ПРВА ЛИГА - МАЖИ

ДВОЈКИ 10. КОЛО

САБОТА:

18.00: Пелистер – Куманово
Сала „Боро Чурлевски“ - Битола
18.00: Еуро Никел 2005 – Вардар
Сала „Јасмин“ - Кавадарци
19.00: ФМП Академија – Гостивар
Сала „Независна Македонија“ - Скопје

НЕДЕЛА:

13.00: МЗТ Скопје Унибанка – Работнички
СЦ „Јане Сандански “- Скопје
17.30: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув
СЦ „Јане Сандански“ – Скопје