На 14 јули во Лас Вегас ќе се одржи натпреварот на сите ѕвезди од женската НБА лига, а на него ќе учествува и македонската репрезентативка Девана Бонер.
За неа, ова ќе биде четврто учество на овие ревијални натпревари, а го заслужи со одличните настапи во дресот на Конектикат Сан за кои просечно постигнува по 16,1 поен и 7,4 скока. Подобра од неа во екипата е само новата босанска репрезентативка Џонкел Џонс.
Бонер има долго искуство во ВНБА лигата, но поради тоа што сезоната трае мошне кратко, во останатиот дел од годината игра за европски екипи. Од 2009 до 2019 година беше член на Феникс Меркјури со кого освои две шампионски титули (2009 и 2014 година), а од лани е играч на Конектикат Сан.