05.04.2022

Во денешното полуфинале од „Фајнал-форот“ во Бурж (17.часот) за противник ја имаат италијанската Умана Рејер Венеција

Девана Бонер и Мерсин го нишанат и пехарот во ФИБА Еврокупот

По освојувањето на турскиот Куп, Девана Бонер и нејзините соиграчи од екипата на Мерсин, денеска тргнуваат во нов поход, во освојување на пехарот наменет за победникот во ФИБА Евро Купот.

Од 17. часот, во Бурж, стартува првиот полуфинален натпревар во кој турскиот претставник каде еден од носечките играчи е токму македонската репрезентативка, ќе игра против италијанската Умана Венеција.

Експертите за женска кошарка во Европа предвидуваат дека Бонер ќе влезе во изборот за најкорисен играч на турнирот во овој француски град. Но и тоа дека Мерсин е благ фаворит во однос на екипата од Италија.

Инаку, во второто полуфинале, кое е закажано за 20. часот, ќе игра уште една турска екипа – Галатасарај, а противник им е домаќинот на овој завршен турнир од Евро Kупот, составот на Танго Бурж.  

Согласно со програмата, два дена подоцна, на 7. април, од 17 часот ќе се игра натпреварот за третото место, три часа подоцна, од 20.часот, е големото финале во кое се надеваме дека ќе имаме свој претставник во искусната Американка со македонски пасош.