Девана Бонер, најголемиот адут на нашата женска селекција во обидот да се стигне до победа во февруарскиот квалификациски циклус, се сели во Европа
Искусната Американка со македонски пасош, се согласи на договор со израелската екипа Елицур Рамла, и во 2021 година ќе игра во ФИБА Евро Купот.
Уште подобра опција за стручниот штаб на нашиот женски национален тим, ако се земе в предвид „близината“ на Израел, но и натпреварувачката форма во која ќе биде Бонер пред последните две квалификациски средби во „балонот“ во Рига.
Инаку, Елицур Рамла е водечката екипа во израелската женска кошарка. Во овој момент имаат максимални седум победи во исто толку одиграни натпревари. Но со помош на Бонер, и нејзините американски колешки Тифани Мичел и Бетанија Лејни, очекуваат напад и на титулата во Евро Купот.
Ова не е нешто „ново“ за американското крило. Претходно 33.годишната кошаркарка настапуваше за неколку клубови од Европа, како Авенида, Надежда Оренбург и УСК Прага.
Последното „учество“ надвор од САД, Бонер го имаше со тимот на Динамо Курск. Екипа со која имаше просек од 14.4 поени, 6.6 скока и 1.4 освоена топка во шампионатот на Русија, односно 16.поени, 6.5 скока и 2.1 скока во натпреварите од Евролигата.
Првата обврска со новиот клуб, Бонер ќе ја има на „балонот“ во Мишколц, каде од 19. јануари ќе играат уште и екипите на Орман (Турција), Баскет Умеа (Шведска), и домаќинот Алуинвент Мишколц.