11.11.2020

По две години „чекање“, сјајната Американка конечно во „црвено-жолтиот“ дрес на нашиот женски сениорски национален тим

Девана Бонер пред дебито: „Не знам многу за Хрватска или Германија, но се надеваме дека можеме да се натпреваруваме со нив и да победиме“

Кошаркарката на Конектикат Сан ќе биде дел од нашиот национален тим за овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА, односно турнирот кој во текот на оваа седмица ќе се одржи во Рига.

Оваа 33 годишна кошаркарка ја има зад себе веројатно и една од најдобрите сезони во својата долга кариера во ВНБА лигата.

Важи за трет стрелец во најквалитетната женска кошаркарска лига на светот. Сезоната ја заврши со просек од 19.7 поени по натпревар. Шести „крадец“ е во лигата, затоа што во просек освојува по 1.68 топки по меч, а во исто време и десетти скокач, ако се знае дека во просек има по 7.8 скока по натпревар.

Во два наврати беше прогласувана и за играч на неделата во Источната конференџија на ВНБА лигата во гласањето на сите тренери во оваа конкуренција.

По цели две години, конечно, Девана Бонер ќе дебитира во „црвено-жолтиот“ дрес на нашиот женски сениорски национален тим.

Колку си подготвена по оваа релативно долга пауза по завршувањето на натпреварите во ВНБА лигата?

„Сигурно е дека ќе бидам малку заморена. Но имав неколку тренинзи со тимот, прво во Охрид, сега и тука во Рига, па се надевам дека тоа ќе помогне да бидам подготвена за натпреварите“ -  вели нашиот најсилен адут во овие квалификации.

Нејзините први впечатоци по доаѓањето во Македонија...

„Ова е првпат да се сретнам со тимот и со тренерите. Но сакам да истакнам дека сите се навистина пријатни и со нетрпение очекувам да дознаам уште повеќе за нив. Девојките се навистина млади! Тие работат навистина напорно и сакаат да бидат подобри и да победат... Среќна сум што сум со нив во тимот“- објаснува секогаш расположената Американка.

Хрватска и Германија се нашите противници на турнирот во Рига. Твоите очекувања за овие два натпревари во квалификациите?

„Искрено, не знам многу за Хрватска или Германија. Но се надеваме дека можеме да се натпреваруваме со нив и да победиме“- секогаш звучи оптимистички двократната шампионка во WNBA лигата

Дали следниот ангажман на Девана Бонер ќе биде во Европа, од каде може полесно да „комуницираш“ со колешките од репрезентацијата на Македонија?

„Не го знам мојот следен ангажман, односно дали ќе бидам во Европа. Во моментов сум посветена на овие натпревари во Рига. Ќе се вратам дома во САД, тоа е јасно. Но, следното лето сум повторно со Конектикат Сан во WNBA“- потврдува Бонер.