07.11.2020

Нашиот женски сениорски состав ќе тренира во Охрид и во недела, по што следува враќањето за Скопје

Девана Бонер во Охрид, веќе го одработи и првиот тренинг

Со едeн ден задоцнување, поради, во овој момент, не баш идеалните авио-конекции од САД до европскиот континент, Девана Бонер пристигна во Охрид. А во хотелот „Тино“ беше пречекана како што доликува на една ѕвезда од WNBA лигата.

Комплетното раководство на нашата федерација, предводено од претседателот Перо Антиќ,  и посака добредојде на извонредната кошаркарка, двократен шампион во најсилната лига на светот, која ќе биде дел од ноемврискиот квалификациски циклус. Односно „балонот“ кој во периодот од 12. до 14. ноември, ќе се игра во главниот град на Летонија – Рига.  

По напорниот пат и заслужениот одмор, од денеска 33. годишната Бонер му се стави на располагање на нашиот стручен штаб. Го одработи утринскиот тренинг во СРЦ „Билјанини извори“, се запозна со своите нови, репрезентативни соиграчи, но и со плановите на селекторот Владимир Ѓоровиќ и неговите асистенти Срѓан Дамнјановски и Александар Ашаданов.  

Нашиот женски сениорски состав ќе тренира во Охрид и во недела, по што следува враќањето за Скопје и подоготвки за патувањето кон Рига. Во Скопје ќе ги чека капитенот Анџелика Митрашиновиќ, а планирано е и приклучувањето на Софија Лазареска која имаше натпреварувачки обврски со нејзиниот клуб од Италија.