07.12.2019

ДЕВЕТТО КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: Може ли Кожув да го освои „Градски парк“?

Дуелот во Дебар Маало ќе ја одбележи деветтата прволигашка рунда

 

Деветтото коло од Првата лига со себе носи неколку интересни натпревари. Но дефинитивно, во преден план ќе биде оној во „Градски парк“, каде екипата на Работнички го пречекува се подобриот состав на Кожув.

Љупчо Малинков своето деби како прв тренер на Пелистер ќе го има во мечот со Гостивар, а најголема неизвесност се очекува да има на средбата во Куманово каде гостува кавадаречки Еуро Никел 2005.

Работнички – Кожув

Работнички сака да се врати онаму каде што реално му е местото, на врвот на македонската кошарка. Од друга страна пак Кожув се искачи токму на таа позиција на табелата во Првата лига.

Затоа и овој дуел во „Градски парк“ закажан за сабота од 17.30 часот (МТВ), би требало да биде и дерби на колото број 9.

„Црвено-белите“ од Скопје се рехабилитираа со победата, и тоа повеќе од убедлива, против Вардар, додека пак зад гевгеличани е уште една успешна игра, односно победата над Академија ФМП, за нив шеста во сезоната. Реализирана без помошта на еден од лидерите во екипата, Бојан Трајковски, кого го очекува и оперативен зафат на повреденото колено.

„Мора да го прифатиме тоа како факт, и да се надеваме дека ќе го имаме за почетокот на вториот дел од сезоната таму некаде по Ноговогодишните празници. Затоа оние кои се здрави ќе треба да се потрудат некако да го надополнат неговото отсуство“- бара Александар Јончевски од своите играчи пред гостувањето во нему добро познатиот „Градски парк“.

„Со пократка ротација ќе биде уште потешко против квалитетни екипи како што на пример има Работнички. Тие посакуваат да фатат некој победнички ритам кој би ги вратил на горните позиции на табелата. Наше е да одговориме на овој предизвик, играњето во ‘Градски парк’, каде е секогаш тешко да се дојде до бодовите“- додава тренерот на Кожув.

Пелистер – Гостивар

Прв предизвик ќе биде за Љупчо Малинков како нов шеф на стурката во Пелистер ќе биде денешниот натпревар во Битола, на домашен терен против екипата на Гостивар:

„За екипата би кажал дека има потенцијал и дека можеме да победуваме и посилни противници, а прва проверка ќе биде вечерва против Гостивар. Гостивар можеме да го изненадиме, иако според пласманот на табелата е фаворит. Немам многу време за подготовка на екипата за оваа средба, но како што  реков овие момци имаат потенцијал за победи. Сакам уште еднаш да ја повикам битолската спортска јавност да биде во салата, бидејќи нивната поддршка многу ќе ни значи“.

Доста „немирни ноќи“ имаше Марјан Србиноски, особено по она лошо издание на Гостивар во дуелот со Куманово минатиот викенд.

Но и доволно време да се поправи играта потребна за успех на следното гостување, она во сабота попладне (18.часот) во Битола.

„Игравме несфатливо лошо со Куманово, но тоа го оставаме зад нас. Анализиравме што и како, каде грешевме, кои се причините за поразот. И тоа го оставаме меѓу нас. Немаме многу време за жалење, мора да се чекори напред. А патот не води кон Битола. Не чека средбата со Пелистер, екипа која покажа доста високи амбиции од почетокот на оваа сезона, што е добро  за нашата кошарка. Потребни ни се силни екипи во Првата лига. Да го подигнеме квалитетот, нивото, а тоа е едне од чекорите. Сега имаат и нов тренер, Љупчо Малинков, па извесно е дека уште вечерва ќе се обидат да бидат уште подобри од што беа досега.  Можеби полека станувам и здодевен, но мора да имаме вистински пристап кон професионалните обврски. Тоа е предуслов за добар резултат кој го сакаме во овој меч“-потенцира Марјан Србиноски.

 

Куманово – Еуро Никел 2005

Куманово зад себе има еден голем резултат, победата во Гостивар, на терен каде ретко се победува. Па оттука дуелот со Еуро Никел 2005 треба да претставува потврда за добрата форма на тимот кој го води Александар Петровиќ.

Сепак, Петровиќ е свесен за актуелниот момент, не сака да „се истрчува“ по тој триумф во Гостивар.

„Пред нас е еден противник за максимален респект. Екипа која игра одлично од почетокот на оваа сезона. Имаат две големи победи над топ фаворитите, МЗТ Скопје и Работнички. За тоа вели и ефектот во осум натпревари.

Што се однесува за нас, факт е дека формата ни е во некоја нагорна линија. Имавме проблеми со повредите на некои играчи како што се Јанески и Атанасов. Не трениравме комплетни, но очекувам сето тоа да го надминеме до почетокот на средбата со Еуро Никел 2005. Ги знаеме нивните добри и лоши страни, ќе се обидеме да поставиме наша игра, и секако, да извојуваме уште еден триумф со кој ќе држиме приклучок со врвот на табелата “- смета Петровиќ.

Еуфоријата по убедливата победа над актуелниот шампион е одамна зад кошаркарите и стручниот штаб на Еуро Никел 2005. Следна станица за тимот на Горан Самарџиев е Куманово.

„Факт е дека имавме одлични минути против МЗТ Скопје. Но би сакал истата игра да ја прикажеме и на гостински терен, како на пример оној во Куманово“ – посакува Горан Самарџиев.

Кавадаречкиот кормилар верува дека такво нешто е можно.

„Факт е и тоа дека пред нас имаме екипа која знае да изненади каков што е примерот во Гостивар. Веројатно се потценети од многумина, но тоа не важи за мене. Куманово има тим за почитување, го покажаа тоа со триумфот во Гостивар. Значи мора да бидеме максимално внимателни, да ја бараме нашата игра. Само така ќе бидеме поблиску до успех во Куманово“.

Академија ФМП – МЗТ Скопје Унибанка

Дуел на две екипи кои во ланската сезона се водеа како второлигаши. И натпревар во кој „пантерите“ од Кисела Вода треба да обрнат внимание, ако се земе в предвид дека во баражот за пополнување на Првата лига ги загубија дуелите со младиот состав од Аеродром.

Сепак, сега улогите се малку поизменети. Академија ФМП има еден друг состав кој оваа сезона знаеше да го победи и еден Работнички, па сигурно важи за голем фаворит. Со триумф на овој меч новакот во оваа конкуренција сигурно ќе биде над онаа линија во трката за опстанок.

 

МЗТ Скопје Аеродром – Вардар

Единствено заморот може да биде некоја пречка за шампионот во обидите да прокнижи уште една победа во домашниот шампионат. И оваа седмица пулените на Ѓорѓи Кочов одработија серија среда-сабота, па извесно е дека нивниот тренер ќе комбинира со силите на теренот во пресрет на финалето на оваа календарска година.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 9. КОЛО

ДЕНЕСКА:

17.00: Академија ФМП – МЗТ Скопје Унибанка

17.00: МЗТ Скопје Аеродром - Вардар

17.30: Работнички - Кожув

18.00: Пелистер – Гостивар

18.00: Куманово – Еуро Никел 2005