Иако се играше со доста осцилации,на крајот кошаркарите на Работнички стигнаа до убедлив триумф во дерби дуелот на деветтото коло од Првата лига.
РАБОТНИЧКИ – КОЖУВ 97:81
(22-17; 27-26; 23-20; 25-18)
Како во бранови да играа актерите на дерби натпреварот од овој круг на натпреварите. но домашната екипа беше таа која го имаше водството, а гостите од Гевгелија упорно го бркаа. Но не успеаја да го стигнат , освен оној егал (22:22) кој го фатија во првите минути од втората четвртина.
Сето друго беше на страната на Работнички, чија прва петорка делуваше доста сигурно.
Можеби и за прв пат откако е овој состав „црвено-белите“ имаа доста добар колективен пристап. И ако на почетокот во главната улога беа високите играчи, пред се Младеновски и Мијатовиќ, како одминуваше играта така се отвораа и другите стартери на Димитар Мираковски.
Па на стандардно добриот, во оваа прва фаза од сезоната, Лесколт, сега му се приклучија и Двејн Бенџамин и Виктор Ефремоски. И премногу за кратката ротација која во овој момент ја има Кожув, а во која посебно во првото полувреме, се одвои Пејн, стрелец на 20.поени во тој дел од играта во кој Работнички имаше „само“ плус 6, односно (49:43).
По релативно израмнетиот трет период, гевгелишани „паднаа“ и буквално во последниот, па мора да се помират со прекин на убавата серија на резултати. Двајца играчи во црвено бела комбинација, онаа скопската, дадоа по 17.поени (Ефремоски и Лесколт), а тројца по еден поен помалку, Двејн, Младеновски и Мијатовиќ. Сето тоа со десет реализации го комплетираше гевгеличанецот Главчев.
На онаа гевгелиска страна пак, Пејн застана на бројката од 27, а Караџовски на 20. поени.
ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР89:79
(26-14; 30-15; 21-15; 12-35)
Некој кој не го гледал, секако „во живо“, натпреварот во Битола, каде се сретнаа Пелистер и Гостивар, а го забележа само крајниот резултат, веројатно ќе помислеше дека тоа била тешко извојувана победа на „зелено-белите“.
Но ако се види како се движел резултатот, ќе сфати дека „пелистерци“ и премногу лесно се справија со гостите од Гостивар.
Дека му помогнаа на својот нов предводник од клупата, Љупчо Малинков да има и тоа како успешно деби.
Неверојатно прво полувреме имаше Пелистер, креирано со 56. реализации, многу, многу повеќе во однос на противникот кој се закочи на само 29.
Уште поневеројатни беа бројките на семафорот во 32.минута, (81:50) а многу поблиски до реалноста (87:79), во последната минута од овој неверојатен меч за Пелистер, уште почуден за Гостивар.
Поентерски, со 20. реализации го одбележа Андреј Цветковски, но во „идеалните пет“ на Малинков во овие 40.минути се најде место и за уште четири „двоцифрени“, Казарновски (17), Мекиќ (13), како и Думиќ и Враниќ кои постигнаа по 11.поени.
Во конфузното гостиварско издание, Димчевски дојде до 23.поени, Тасовски имаше 17, а Доналдсон беше доста скромен – 12.
КУМАНОВО – ЕУРО НИКЕЛ 2005 86:85
(21-20; 21-14; 23-26; 14-19; 7-6)
Требаше и бидна неизвесен мечот во Куманово...Подобро кажано, се претвори во една вистинска драма.
Траеше пет минути подолго од она што се вика регуларно. А на крајот подигнати беа рацете на Кумановци. Беа подобри за само еден поен од кавадарчани.
Доволно да се наградат себеси и за она издание од пред еден викенд, кога беа убедливи против Гостивар.
Еуро Никел 2005 ја имаше шансата за „брејк“ во Куманово. Но Марзет погоди само едно од двете слободни фрлања на 40.секунди пред крајот, и постави нерешени (79:79).
Откако Младеновиќ не погоди за три, одново згреши Марзет, но за негова среќа тоа не го казни Младеновиќ.
Во оној екстра период, актерите исти, Младеновиќ повторно поуспешен. Во моментите на одлука погоди за (85:83), а по нереализираниот обид за три поени на Бакоч, даде и еден „ пенал“ за плус 3 (86:83).
Кумановци беа доста паметни, направија „лична“ над Марзет кога останаа само две секунди за играње. Недоволно Еуро Никел 2005 да стигне до ново продолжение.
Интересно целата прва постава на Куманово имаше двоен број на поени, најмногу 23, Младеновиќ, кој дополни со десет успешни додавања.
Дабл-дабл ефект имаше Јанески, 13.поени и 11. скока, но и Т. Атанасов, изразен со 19.поени и 10. скока.
Несреќниот Марзет изброја до 19, и беше еден од шестмината гостински кошаркари кои исто така ја надминаа бројката од барем десет поени.