Сениорките го одржаа првиот тренинг со кој се означи почетокот на кусиот подготвителен период во пресрет на квалификациите за Европското првенство што во 2019 година ќе се одржи во Летонија и во Србија. Кошаркарките, во малку изменет состав, се собраа првпат по неактивност од три години, во мај оваа година кога се подготвуваа за пријателскиот турнир кој во јуни беше одржан в Скопје.
Неактивноста на националниот состав во целост настрана, селекторот Марјан Лазовски и неговите асистенти беа приморани да направат неколку промени на составот поради несреќните повреди на Јелена Антиќ, Ана Тантуровска и на Ивона Пејковска. Трите одлични кошаркарки нема да му бидат на располагање на селекторот, но недостатокот ќе биде исполнет со огромната желба за докажување на теренот, тимска хемија и агресивност.
Од тимот кој го имавме на почетокот недостасуваат шест играчи - три што се во Америка и од објективни причини не можат да дојдат како и тие кои се отсутно поради несреќните повреди во изминатата недела. Антиќ и Пејковска имаат повреда на лигаментите, а Тантуровска има скршеница на две ребра, па на нив три нема да можеме да сметаме во овој прозорец. Јас верувам во овие девојки. Атмосферата што веќе ја има во репрезентацијата ќе ја кренеме на уште повисоко ниво и недостатококот од играчите ќе го надополниме со борбеност, агресивност и со жртвување на теренот за да постигнеме што подобри резултати. Италија ни е првиот противник во овој прозорец. Станува збор за исклучително силна репрезентација која има континуитет на настапи на Европските првенства. Ќе направиме една добра хемија во тимот, да и се претставиме што подобро на домашната публика и да пружиме што поголем отпор на противниците. И да ни се укаже најмала шанса ќе се обидеме да ја искористиме. Се враќаме после 3-4 години отсуство од настапи во квалификации. Имаме и подмладок на репрезентацијата со кошаркарки од 18 односно 19 години кои првпат се соочуваат со ваков сериозен настап. Тој хендикеп ќе го амортизираме со агресивност. Мислам дека девојките ќе бидат посветени на она што го работиме. Искуството ќе го надополниме со енергија и со големата желба за игра. Имаме играчи кои се надевам дека ќе одиграат на висина на задача и нема да изгорат во желбата за самодокажување. И во јуни кога се подготвувавме за турнирот во Скопје им кажав на девојките да не го чувствуваат тој притисок што го носат квалификациите за Европското првенство и да ни го остават на мене и на стручниот штаб, а тие на терен да покажат најдобро што знаат односно да играат кошарка и да се забавуваат додека го прават тоа.
Притисокот што го нсоат квалификациите сами по себе ќе биде потиснат од желбата на кошаркарките да бидат овде односно да настапат во националниот дрес. Само без повреди и се ќе биде како што треба.
Овие девојки кои се тука, пред се, заслужија да бидат овде, да бидат пријавени на овие квалификации за Евробаскет бидејќи во изминатите неколку години стекнавме доста искуство играјќи надвор од границите на нашата држава. Некои информации кои стигнаа до нас во измината недела односно повредите на капитенот Јелена Антиќ, Ана Тантуровска и Ивона Пејковска малку не извади од колосек. Ќе бидеме со нив, се надеваме дека ќе имаат брза рехабилитација. Без разлика и со подмладокот во репрезентацијата ние ќе дадеме се од себе и ќе се бориме до крај на секој натпревар иако не чекаат силни противници. Знаеме дека Италија е една од подобрите селекции во Европа и една од поискусните која заврши на седмото место на минатиот Евробаскет. Се надеваме дека ќе пружиме доволно силен отпор и на што подобар резултат. Постои некој мал притисок, но морам да кажам позитивен. Гледајќи ги девојките - сите имаат позитивен став и сите едвај чекаме да започне овој квалификациски циклус и да останеме во најдобра состојба, да нема повреди. - вели Нена Трајчевска.
Кошаркарките добро се познаваат меѓу себе што ќе им ја олесни работата на тренерите.
Имавме многу успешно лето, на турнирот (во јуни) сите кошаркарки се покажаа во многу добро светло и на некој начин тој турнир ни помогна да ја вратиме самодовербата и позитивната енергија. Работевме напорно да се запознаеме што подобро, како тим. Очекувам добри резултати од овие квалификации иако изгубивме некои од клучните играчи, мислам дека, а и очекувам сите заедно да се сплотиме и да го покажеме тоа што најдобро го знаеме во најдобро светло. Италијанките се едни од најдобрите кошаркарки во Европа, имаат традиција и континуитет на Европските првенства, но јас верувам во себе и во своите колешки и верувам дека поради големата желба за докажување ќе пружиме голем отпор за да резултираме со победа. Оваа генерација има огромна желба за докажување и верувам дека тоа ќе го демонстратираме на теренот.- истакна Ивана Кметовска која ги полни кошевите на противниците во дресот на шпански Замарат.