26.05.2017

Девојките ќе излезат на паркет со менталитет да победат!

Сениорската репрезентација во женска конкуренција денес го одржа првиот официјален собир. На паркетот во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ владееше позитивна атмосфера, а самодовербата на високо ниво.

"Многу ми е драго што после три години повторно се собравме, јас нешто подолго се враќам во репрезентацијата. Мислам дека ова ќе биде почеток на една многу убава приказна. Повеќето од девојките се тука и мислам дека сите се расположени, што е многу важно. Очекувања не може да имаме, бидејќи не се познаваме толку добро, со неколку што сме играле порано, се знаеме надвор од теренот, затоа на почетокот ќе биде запознавање. Но, станува збор за добри играчи, дел играат надвор во странство, Гивенс игра Евролига, Тантуровска, Митрашиновиќ и сите останати и девојките од колеџ имаме квалитет. Турнирот не е мерило за нашиот квалитет, добро е за почеток да видиме каде стоиме. Јас кога играм кошарка, играм за победи, да освојувам, нешто што е инспирација за секој спортист, така и за мене, со добра сезона, самодовербата, ми е на високо ниво и сметам дека тоа ќе и помогне на оваа репрезентација“ - истакна Јелена Антиќ.

На зборовите на Антиќ се надоврза и Криси Гивенс која верува во искуството на националниот состав.

„Многу сум возбудена. Кога го добив повикот од Моника Гаврилоска бев пресреќна. Увидов дека сакаме да одиме напред со женската кошарка. Мислам дека со овој тим имаме огромни шанси да напредуваме и да добиеме искуство да се натпреваруваме со секого. Минатите мечеви давав поени, но не правев разлика затоа што губевме. Девојките растат сега, тие не се бебиња како кога дојдов тука. Возрасни сме сите, само небото може да е граница за нас. На претстојниот турнир сакаме да победуваме на секој натпревар, лично јас излегувам на паркет да победам. Моника Гаврилоска прави многу за нас, мислам дека девојките ќе излезат на паркет со менталитет да победат“ - порача Американката со македонски пасош.

Генералниот секретар при МКФ, Моника Гаврилоска не го криеше задоволството од повторно активирање на сениорките, тим од кој и таа до неодамна беше дел.



„За мене беше долго очекуван овој момент, затоа што после 3 години имме репрезентација кој може да биде конкурентен на европската сцена и се надевам дека за првпат е можеме да играме на некое големо натпреварување. Она што е интересно е дека ќе имаме две интернационалки кои ќе играт во Евролигата, а тоа не било никогаш досега, што не сме можеле да замислиме, а камоли да биде вистина. Сите ќе помагаме да ги поддржиме. Има дисбаланс меѓу оние што играат дома и оние во странство. Квалтиетот на домашното првенство не е ниту блиску до она што се игра во Европа. Во договор со кондициски тренер, сите ќе добијат посебна програма и се надеваме дека до ноември сите ќе бидат на исто ниво. За претстојниот пријателски турнир нема да имат никакви притисоци. едноставно сакаме да биде тоа празник на кошарката. Ќе се работи само на воигрување, едноставно да се направи можност тие да бидат заедно. Не играле никогаш во овој состав,не се познааваат доволно. Идејата не е да бркаме резултат, туку да се запознаат сите што подобро“ - вели Гаврилоска.