03.03.2023

Добрите игри ја донесоа нашата женска сениорска репрезентација на 33 позиција во Европа, и на 67 во светот

Девојките заслужија напредок за 13 места на ФИБА светската листа

Голем скок, од дури 13 позиции на светската рејтинг-листа која ја објави Светската кошаркарска федерација, бележи Македонија во оној женски сегмент на рангирањето.

Големата победа на гостувањето во Сараево, во февруарскиот ФИБА „прозорец“, против една од високо рангираните селекции како што несомнено е онаа на БиХ, ги донесе нашите најдобри кошаркарки на одличното 33 место во европскиот, односно на 67 место во вкупниот светски женски кошаркарски поредок.

Во последното, мартовско рангирање на Светската кошаркарска организација, Македонија има вкупни 94.4 бодови, што е втор највисок напредок во изминатиот период која го направила една национална селекција во женски рамки.

Најголем напредок бележи репрезентацијата на Австрија која се искачи за 24 позиции, и во овој момент е на 87 место во светскиот рејтинг.

Ова претставува уште една награда за вложениот труд во изминатиот период, но и еден поттик плус за националниот тим кој го предводи селекторот Александар Ашаданов, во периодот кој следува да се обиде да направи уште подобри резултати.

Лидер во женската кошарка останува селекцијата на САД, пред Кина, Австралија, а во ТОП 5 ранкингот се уште и Шпанија и Канада.