25.06.2020

Поради болки во пределот на задната ложа, нашиот репрезентативец не го одигра последниот меч во сезоната

Димитријевиќ доби поштеда, Хувентуд ја победи Басконија и замина на годишен одмор

Мечот со Тенерифе, пред два дена, беше и последниот за Ненад Димитријевиќ во оваа турбулентна сезона во „Ендеса“ лигата.

Младиот македонски репрезентативец се пожали на болки во пределот на задната ложа. Поради тоа доби и поштеда од тренерот на Хувентуд Карлес Дуран, кој го ослободи од обврските за денешниот дуел со Басконија.

Последен натпревар за екипата од Бадалона на завршниот турнир од шпанската елитна лига кој се одржува во Валенсија.

Последни 40 минути кои Хувентуд ги одигра навистина добро и тоа против мошне квалитетниот состав од Виторија. Посебно во првото полувреме кога водеа со 39:30.

Евролигашот направи голем пресврт во второто полувреме, но „зелено-црните“ не се предадоа.  И стигнаа до втората победа (76:74) на турнирот во Валенсија во петте одиграни натпревари.

А Басконија и Барселона, како две првопласирани екипи од групата „А“ се пласираа во полуфиналето на завршниот собир на „Ендеса“ лигата и ќе ги чекаат своите противници во битката за место во големото финале и шампионската титула.