ACB, поточно „Ендеса“ лигата беше стопирана точно 101 ден. А веројатно најсилната лига во Европа најде начин како да дојде до крајот.
Со организација на еден завршен турнир кој од денеска стартува во Валенсија, во „Ла Фонтета“ Арената, додека тренинзите ќе се одвиваат во други сали.
Финалната фаза ќе се игра во период од две недели (од 17. до 30. јуни), во која има место за 12. најдобри според табелата во моментот на прекинот на шампионатот, кој се случи во текот на март.
Поделени се во две групи, со по шест екипи, кои според системот за натпреварување, првопласираните две ќе обезбедат место во полуфиналето, а победниците од тие две полуфинални серии ќе се борат за шампионската титула.
Во групата „А“ ќе игра Хувентуд, тимот на единствениот македонски претставник во ова високо друштво – нашиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ.
За противници ќе ги имаат екипите на Барселона, Билбао Баскет, Тенерифе, Уникаха и Басконија.
Во другата „Б“ група пак се: Реал Мадрид, Сарагоса, Андора, Сан Пабло Бургос, Гран Канарија, и домаќинот на турнирот – Валенсија.
Пеколен ќе биде распоредот за кошаркарите на Хувентуд. Во девет дена, исто како и другите во групата „А“, ќе треба да одиграат пет натпревари од финалниот турнир на „Ендеса“ лигата.
А почетокот и не можеше да биде потежок за момците во „зелено-црна“ комбинација во чии редови веќе ги нема Лук Харангоди и Тони Вротен, кои во меѓувреме ги раскинаа договорите со клубот од Бадалона.
Во првото коло на турнирот во Валенсија, (од 15.30 часот), за противник го имаат топ фаворитот за шампионската титула – Барселона.
Два дена подоцна, на 19. јуни, на Димитријевиќ и соиграчите им следува дуелот со Билбао Баскет. Потоа на ред доаѓаат мечевите со Уникаха (21. јуни), Тенерифе (23.јуни) и против Басконија, средба предвидена за 25. јуни.
Доколку стигнат до едно од првите две места во групата, екипата од Бадалона ќе игра во полуфиналето, закажано за 28. јуни.
Големото финале кое ќе го даде новиот шпански првак, ќе се игра на 30.јуни.