За разлика од Франција, каде нашите репрезентативци добија „слободно“, и си заминаа дома, во Скопје, во Шпанија ситуацијата е сосема обратна.
Ненад Димитријевиќ и Шејн Витингтон, засега, остануваат на Иберискиот полуостров, макар што ситуацијата со коронавирусот во оваа земја станува се потешка и потешка.
Шпанската АЦБ лига е прекината поради ширењето на смртоносниот вирус, а после видео-конференцијата со клубовите, во понеделникот, одлучено е дека сезоната нема да продолжи пред 24.април.
„Во овој момент, што се вели, сеуште сме тука, во Шпанија. Раководството на клубот не ни даде дозвола да заминеме дома. Тоа би можел да го кажам во овој момент, затоа што нешто повеќе од тоа и не знаеме. Не само јас, туку и сите други кошаркари кои се од ’надвор’, односно се водат како странски“- појаснува Шејн Витингтон од Севиља.
Нашиот втор репрезентативец кој моментално настапува во Шпанија е во Барселона, и е дел од Хувентуд - Ненад Димитријевиќ.
Во овие нималку лесни времиња за живеење, сега Ненад има и обврска плус, да ја чува својата помлада сестра, Марија, нашата млада репрезентативка, која е исто така во Шпанија. Но по прекинот на првенствата и во женската конкуренција во Шпанија, му се придружи на својот брат во каталонскиот град.
„Далеку од тоа дека ситуацијата е добра. Не е добра, се гледа тоа на секој чекор во градот кој за разлика од други денови е скоро па пуст, што е една неверојатна глетка. Она што е сигурно е дека останувам тука. Подобро кажано, морам да останам. тоа е ставот на клупското раководство, и тоа мора да се почитува. Тоа е барем засега“- коментира кратко младиот бек на Хувентуд.
Инаку, медиумите во Шпанија бо изминатите денови пишуваа дека пооделни клубови барале да се прогласи крај на сезоната, не само, како што е првобитно најавено, двонеделниот прекин на работата.
Секако најголемиот проблем е оној од финансиска природа затоа што моменталната состојба не им овозможува на клубовите да ги отпуштат играчите по основ на „виша сила“, зашто што во начело, АЦБ планира натпреварувањето да продолжи.
Од спортски аспект, ако сезоната се заврши без прогласен шампион, тоа би значело дека не можат да испаднат ниту оние тимови кои во овој момент се на дното на табелата во АЦБ лигата, Естудијантес и Фуенлабрада.
Доколку пак АЦБ лигата ја смета моменталната табела за конечна, тогаш, Барселона би била прогласена за нов првак на Шпанија, што сигурно нема да им се допадне на луѓето од Реал Мадрид...
Многу нејасни работи и во најсилната лига на Стариот континент.