15.06.2021

М20 жени challenger, 13.07-18.07, Скопје, Македонија

Димитријевиќ: Максимално ќе ги искористиме подготовките за ФИБА-турнирот

Селекторот на женската младинска репрезентација, Саша Димитријевиќ, пред 24 часа означи почеток на подготовките со девојките кои ќе ги бранат боите на дресот на Македонија за нешто помалку од еден месец на Европскиот „challenger“. Меѓународниот турнир, со изменет систем поради пандемијата со COVID-19, ќе се одигра во Скопје, во салата СРЦ „Кале“ во периодот од 13. јули до 18. јули.Димитријевиќ ќе ја комплетира репрезентацијата до 20 години за неколку дена, со приклучување на преостанатите кошаркарки кои потврдно одговорија на неговиот повик.

„ФИБА турнирите и во машка и во женска конкуренција оваа година немаат резултатско значење поради ковид ситуацијата во цела Европа и одлична можност низ 4 натпревари да се види можноста на кои од репрезентативките ќе можеме да сметаме во наредниот период за сениорскиот состав.
Некои од девојките веќе беа дел од сениорските акции, но секогаш кога има можност за силни меѓународни натпревари тоа треба да се искористи.
Имаме помалку од еден месец подготовки, но со овие подготовки почнуваме да ја подготвуваме генерацијата 2002 за наредното лето. Поголемиот дел од нашата екипа за овој ’турнир’ се девојки родени 2002 што значи дека ќе играме со една година помлади играчи.
Првата фаза ќе ја поминеме во Скопје па нè очекува втора фаза 7 дена ’висински’ подготовки и трета фаза, повторно во Скопје пред самиот турнир. Важно ќе биде да се подготвиме добро, да бидеме здрави пред сè и да направиме да сите играчи што ќе ги имаме на располагање бидат подобри.
На почеток на јули ќе ни се приклучат Тијана Митрева и Ивoна Кожобашиовска кои играат во Италија и имаат обврски со клубот, Матеа Николиќ има повреда на грбот која се третира, очекуваме и таа да почне со тренинг со надеж дека барем 10 дена ќе ги имаме сите играчи на тренинг со кои ќе настапиме во Скопје на турнирот.
Хендикеп за овој турнир е што нема да можеме да сметаме на Селцова која полека се враќа од тешката повреда на коленото и со тренинг во сала ќе почне дури во август.“ - истакна Димитријевиќ.

На Саша Димитријевиќ во стручниот штаб ќе му помагаат искусните Анета Глигорова и Бранко Крстевски.