23.06.2020

Македонскиот репрезентативец реализираше 16.поени, но Тенерифе ја одзема шансата за место во големата „четворка“ на „Ендеса“ лигата

Димитријевиќ повторно одличен, нема полуфинале за Хувентуд

Хувентуд и Тенерифе го одиграа последниот меч од 4. коло од групата „А“ на завршниот турнир од „Ендеса“ лигата кој се одржува во Валенсија. А тимот од Бадалона, во пенал-завршница, го загуби (80:82) и на коло пред крајот на првата фаза, се збогува со шансите да се бори за место во полуфиналето, како една од двете најдобри во групата „А“.

Лошо почнаа кошаркарите на Хувентуд. Ја загубија првата четвртина со (12:18), макар што Ненад Димитријевиќ ги реализира првите четири поени за својата екипа. Имаше и една асистенција во уводните четири минути од овој важен меч.

Неговото враќање во игра, го врати Хувентуд во посакуваната насока. Поточно, серија од (10-1), и израмнување на резултатот (25:25), во 16.минута од играта. По неговиот осми поен, одново егал резултат (27:27). Беше најзаслужниот за серијата (16-4), по која Хувентуд поведе со (33:29), а полувремето да го затворат со уште повисоки (35:29). А 12 од тие поени беа зад презимето Димитријевиќ (шут од игра 5/7 и 2/2 од линијата за слободни фрлања).

Третиот период помина во доминација на Тенерифе. Со серија од (16-4), стигнаа до пресврт, односно водство од (55:50) со кое се влезе во оној последниот. Екипата која не знаеше за победа, продолжи со својата серија, поведе и со (59:51). Онаа другата упорно форсираше шут од далечина, но без ефект.

Ненад Димитријевиќ го заврши овој меч како втор стрелец на Хувентуд. Младиот бек реализираше 16.поени (5/9 за два, 0/2 за три и 6/6 за еден поен). А освен тоа, за 22:45 минути во игра дополни со два скока, и по една асистенција, освоена, односно загубена топка. Нашиот репрезентативец имаше и пет лични грешки.

По четири одиграни натпревари, кошаркарите на Хувентуд имаат скор од една победа и три порази.

Претходно, Барселона го совлада Билбао Баскет со (85:73), за максимален ефект, четири победи во четири натпревари и обезбеден пласман во полуфиналето.

Во последниот петти круг од првата, групна фаза на турнирот, Хувентуд ќе игра против еден од фаворитите за пласман во полуфиналето-Басконија. Дуелот на „зелено-црните“ од Бадалона со евролигашот од Виторија е закажан за 25.јуни (четврток) со почеток од 15.30 часот.