Петок е ден за одмор на ФИБА „Челенџерот“ во Скопје за кошаркарки „Под 20“ години. Добра шанса за една мини анализа на одработеното во првите две кола на нашата селекција предводена од Саша Димитријевиќ. Но и за она што следува до крајот на турнирот.
„Одигравме подобар натпревар со Романија отколку првиот со Луксембург, Не во текот на цел натпревар, но имавме добри моменти, а го намаливме и бројот на изгубени топки, што беше и една од нашите цели. Факт е дека тешко се справувавме со нивните високи играчи. Тоа малку го компензиравме со ‘mach-up’ зона и добрата игра во напад на Елена Тасевска, Тијана Митрева и Теона Поп Стојанова. Шанса доби и добро ја искористи и Граматикова која е најмладата во овој состав, родена е 2005 година“ - вели Димитријевиќ.
Очекува тимот да одигра уште подобро на следните две средби, прво со Словачка, најдобрата екипа на овој собир во Скопје, а потоа и со Косово.
„Се на сè, од натпревар во натпревар верувам дека ќе напредуваме. Мислам дека доколку имавме вака квалитетни пријателски натпревари пред турнирот, сигурно ќе се покажевме во уште подобро светло. Сите овие играчи имаат одреден квалитет. Но оваа година поради короната, за поголем дел од нив ова им се први натпревари. Задоволен сум од сите кои настапија на овој натпревар, одиме на наредните. Имаме два дена пауза пред натпреварите со Словачка во сабота и Косово во недела. Да се подготвиме уште подобро, и да играме уште подобро“- смета предводникот на оваа наша женска младинска селекција